ВМРО-ДПМНЕ со аплауз, ДУИ со бојкот, СДСМ со дофрлања: Обраќањето на Иванов (ВИДЕО)

Годишното обраќање во парламентот на претседателот Ѓорге Иванов помина во, благо речено, непријатна атмосфера.

Како и минатите години кога ги бојкотираа обраќањата на Иванов, пратениците од ДУИ и овојпат не беа присутни во салата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, беа присутни, а крајот на обраќањето го поздравија со стоечки аплауз.

Во текот на самото обраќање атмосферата беше далеку побурна. Говорот на Иванов беше проследен со негодувања и дофрлања од редовите на пратениците на СДСМ и коалицијата. Како течеше говорот, така и реакциите се засилуваа. Иванов неколкупати мораше да прекинува и да ги моли пратениците да го сослушаат:

„Ве молам да ме сослушате, ве слушам цела година, ве молам слушајте, претседател на држава ви се обраќа“, им се обрати Иванов.

Ситуацијата особено се вжешти откако Иванов го спомена Законот за јазици. Иванов дури и им свика на пратениците да  ги „остават фрустрациите настрана“ и да го остават да го заврши обраќањето.

Транскрипт од говорот на Иванов можете да најдете на официјалната страна на Претседателот на Р.М.

- Реклама -