Пратениците се фатија за најважното – да си обезбедат државна работа и по мандатот

Тежок е животот пратенички, па сега кога сме на прагот на ЕУ, милите наши почитувани народни претставници решија дека е време да ѝ стават крај на неизвесноста со која секојдневно живеат и која (не се пожалиле, ама претпоставуваме) очигледно им влијае на квалитетот на работата.

Како што дознаваат медиумите, формираната работна група за реформи веќе работи на изготвување на законско решение со кое пратениците ќе добијат предност при вработување во државната администрација, и тоа на соодветно место, откако ќе им заврши пратеничкиот мандат.

Предлогот доаѓа од група пратеници предводена или меѓу кои е и Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Иницијативата е поддржана и од СДСМ и ДУИ.

Дека се работи на вакво решение потврдува и Реџаил Исмаили – претседавач на групата за реформи. Деталите не ги откриваат.

Примарната задача на формираната работна група за реформи е да ги подготви законите неопходни за преговори со Европската унија.

Но, како што велат од „А1он“, можеби и не е случајно што ваквата идеја доаѓа токму сега, кога се чини дека гласањето за уставните измени и гласањето на реформските закони се многу поважни приоритети. Сличен закон, потсетуваат од „А1он“, беше предложен и во 2005 година, кога Јанаќе Витановски беше пратеник. Сега Витановски е член на ДИК.

Со законот од 2005 се предвидуваше тогашните и претходните пратеници да можат да одат во пензија со стаж од 25 години и возраст од 55 години (53 за пратеничките), да имаат право на бесплатен превоз и по пратеничкиот мандат и да имаат загарантирано вработување во администрацијата. Шест месеци подоцна, Уставниот суд утврди дека ваквиот закон би значел нееднаквост пред Уставот, па го укина.

Ако владата сега прифати, тоа би било уште еден обид да се воведе специјален, бенефициран статус на пратениците.

- Реклама -