Следен пат кога ќе се воздржувате да не прднете, од било која причина, нека ви текне на ова: ако им ја затворите „задната врата“ на гасовите, ќе излезат од предната. Зборуваме за устата.
Како што објаснува Клер Колинс (професорка по исхрана и диететика на универзитетот во Њукасл) во статија за The Conversation, наталожениот гас може да помине низ ѕидот на цревата и повторно да биде реапсорбиран во циркулацијата. Во таков случај гасот се ослободува кога издишувате, а начин да го спречите тоа немате.
„Долгото стискање значи дека натрупаниот гас во цревата порано или подоцна ќе избега во вид на неконтролиран прдеж“, пишува Колинс, а во таков случај, додава, ќе излезе низ погрешниот крај, тој што не можете да го контролирате.
Храбрите научници го имаат колку-толку истражено феноменот на флатуленција/надуеност. Во една студија спроведена врз 10 здрави доброволци, во исхраната им била вклучена по половина конзерва грав, а потоа им биле мерени прдежите во период од 24 часа. Иако врз мал број испитаници, резултатите сепак нешто говорат – дека мажите и жените ослободуваат иста количина гас, а просечниот број на прдежи (или серија на прдежи) била 8.
Во друга студија, научниците откриле дека исхраната богата со влакна води кон помалку но пообемни прдежи.
Во трета студија, научниците заклучиле дека гасовите што содржат сулфур се главната причина за најсмрдливите прдежи.
Сé на сé, научната литература е на иста линија со професорката Колинс, и советува да прднете кога ви се прди. Извештај од 2010-та, насловен како „Метанот и гастроинтестиналниот тракт“, слично на нејзиното тврдење вели дека метанот, хидроген сулфидот и другите гасови кои се создаваат во цревата, главно се ослободуваат преку анусот, или „се исфрлаат преку белите дробови“. Воздржувањето и чувањето на овие гасови во телото може да доведе до подригнување, прдење, надуеност, па и болка. А во некои сериозни случаи, на ѕидот на дебелото црево може да се формираат „плускавци“ и потоа да се инфицираат, предизвикувајќи дивертикулитис. Затоа, прднете си кога ви се прди, како што ве дизајнирала природата, но барем обидете се претходно да најдете празна соба/простор.
via Mental Floss