Покрај другите многу поважни теми, при вечерашното гостување во „Само Вистина“, премиерот Заев кажа збор-два и за она што многумина потајно ги копкаше: Што беше фората со краватата и целото тоа смеење што го проследи чинот?
Како што објасни премиерот, тоа не бил потег по сценарио, и не било некаква глума пред камери, туку спонтана реакција каква што му наликува на добар сосед кој на козата на комшијата (во случајов, економијата) ѝ посакува сé најдобро.
„На средбата во Давос бев со кравата. Тогаш моите советници ми кажаа дека Ципрас не носи кравата и јас ја извадив и мојата. Го пречекав Ципрас без кравата и при првото поздравување му реков: Еве, јас те чекам без кравата, првиот чекор го направив, сега редот е на вас. Имам читано дека тој има изјавено оти нема да стави вратоврска сé додека не ја извади Грција од економската криза. Симболот е токму тоа. Јас ја извадив кравата и му ја поклонив за Грција побрзо да се справи со економската криза, демек ако немате кравата еве ние ќе ви помогнеме. Јас верувам дека економски стабилен сосед е добро и за нас“, раскажа Заев.
Тој потсети дека јужните ни соседи поминаа низ тешка финансиска криза, но и дека гледа дека Грција добро се справува со истата. Краватата е во знак на љубов и желба од таквата ситуација да испливаат уште побрзо.
„Тука немаше сценарио, тоа беше човечко чувство“, додаде премиерот.