28-годишна девојка од Македонија развила тромботична реакција откако се вакцинирала во Србија, Филипче смирува дека таквите случаи се екстремно ретки

28-годишна девојка од Македонија, која немала претходни хронични заболувања, е првиот регистриран случај на несакани ефекти од вакцината на „Астра Зенека“ кај нас. Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, девојката развила тромботична реакција 6-7 дена откако се вакцинирала во Србија. Од вчера таа се наоѓа во болница, откако настанала тромбоза на вената на едното око. Состојбата не е критична и таа е во добра здравствена состојба.

Министерот Филипче смирува. Вели дека нема место за паника, бидејќи овие случаи се екстремно ретки – се појавуваат кај 1 на 125.000 до 1 на милион вакцинирани, и тоа кај помлади од 60 години. За постарите лица таква склоност за имунолошка реакција на тромбоцитите, како резултат на што може да се јави таква тромбоза кај постарите лица не се јавува, вели тој.

Откако вчера Германија и Канада ја запреа вакцинацијата со „Астра Зенека“ на лица помлади од 60 години и истото го најави и Филипче, министерот тоа го повтори и денес.

„Вакцината на Астра Зенека е безбедна за возрасните групи граѓани со кои денеска ја започнавме вакцинацијата. Сите граѓани над 77 години кои се пријавиле, слободно да се вакцинираат, кај нив не се забележани негативни ефекти. Заради претпазливост, бидејќи сакаме да сме сигурни, засега нема да почнеме со вакцинација на помлади граѓани од 60 години со оваа вакцина, до следните конкретни препораки од регулаторите и производителите“, порача Филипче.

Тој информираше дека денеска има закажани состаноци со Комисијата за безбедност во Агенцијата за лекови „Малмед“, по што ќе има размена на информации и со Европската агенција за лекови и директно со германското Министерство за здравство.

„Ќе започнеме со другите категории граѓани тогаш кога ќе бидеме сигурни дека може да се продолжи со вакцинација и на помладите луѓе. Верувам дека ќе се потврди уште еднаш  бенефитот од вакцината, бидејќи ризикот да се заболи од тешка форма на ковид е многу поголем од ризикот да се добие таква компликација од самата вакцина“, порача Филипче.

Во однос на граѓаните што се вакцинираа во Србија, министерот вели дека засега нема препорака за некакви превентивни чекори. Тој ги уверува дека нема простор за паника и повторува дека случаите со посериозни несакани ефекти се исклучително ретки. „Сите граѓани кои примија една доза, ќе бидат и ревакцинирани согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период“, додаде министерот.

Неодамна, Европската агенција за лекови (ЕМА) ја прогласи вакцината за безбедна, посочувајќи дека тромботични реакции се екстремно ретки. Сепак, ЕМА објави листа на симптоми кои би биле знак дека лицето што се вакцинирало со „Астра Зенека“ треба да се јави кај лекар:

• недостаток на здив
• болка во градите или стомакот
• отекување или студ во екстремитетите (рака или нога)
• силна или растечка главоболка или заматен вид по вакцинацијата
• упорно крварење
• повеќе мали модринки, црвеникави или виолетови дамки или крвни плускавци под кожата

 

- Реклама -