Сите знаеме дека Дубаи е богат град, па безбедно е да се претпостави дека луѓето што просат таму вадат добра пара. Во секој случај, веројатно заработуваат повеќе од било кои просјаци низ светот, така?
Ама тоа не ја доловува вистинската слика. Вистинската слика е дека луѓето што просат во Дубаи заработуваат извонредно добра пара, ако не и богатство. Впрочем, просењето во Дубаи е толку профитабилно, што луѓе патуваат во ОАЕ со тримесечна патничка виза само за да можат да ги наполнат џебовите со пари од милостината на богатите. Некои од овие таканаречени „професионални просјаци“ или „паметни просјаци“ заработуваат и по неверојатни 73.500 долари (околу 61.000 евра) месечно!
И покрај напорите на полицијата да ја искорени таквата пракса, сé уште се смета за раширен феномен во Дубаи. Згора на тоа, вестите и извештаите на темата од изминативе три години само ја влошуваат состојбата – сé повеќе луѓе почнуваат да го следат примерот на „професионалците“. Според некои извештаи, дури постојат и организирани азиски и арапски банди кои легално внесуваат просјаци во Дубаи, и потоа им го одземаат најголемиот дел од нивната „заработка“.
Просењето е генерално илегално во Дубаи, но не за џабе овие ги викаат „професионални“ и „паметни“ просјаци. Овие просјаци пред сé таргетираат луѓе што „изгледаат богато“ и често ги фаќаат на емпатија, опсипувајќи ги со измислени приказни дека спијат на улица или дека доаѓаат од воено загрозени региони и им треба итна помош.
Тоа што најмногу ги издвојува е што не просат ситни суми од секој втор, туку бараат значителни суми (270 долари и нагоре). Очигледно, меѓу богаташите од Дубаи има многу наивни.
Локалните власти спроведуваат интензивни кампањи против ваквите просјаци, особено откако открија колку многу заработуваат од богатите жители на Дубаи. Во 2016-та, полицијата фати просјак кој заработувал повеќе од 73.500 долари месечно. Тој, како и повеќето други просјаци во градот, престојувал во Дубаи со регуларна тримесечна туристичка виза.
Пресметките на полицијата покажуваат дека еден просјак во Дубаи во просек заработува по 9.000 дирхами дневно (2.450 долари), со тоа што најголем дел од парите се испросени во петок, особено пред џамиите.
2017-та беше особено вносна за професионалните просјаци во Дубаи, особено што шеикот Калифа бин Зајед Ал Нахјан ја прогласи за „година на давањето“. Властите лансираа низа иницијативи да им се помогне на помалку среќните во Арапските Емирати и надвор од нив, но најмногу искористија овие лажните просјаци и криминалните банди.
65 професионални просјаци беа уапсени лани во само првите денови од Рамазан, заедно со членови на бандите кои оперираат во позадина. Властите отворија и „жешка линија“ на која секој што ќе забележи просјаци може да ги пријави. Но сепак, многу од просјаците избегнаа да бидат фатени. Најголемиот предизвик за полицијата е всушност да ги идентификува пријавените.
Во меѓувреме ОАЕ ги интензивираат патролите во разни делови од земјата во обид да ги уапсат просјаците, но веќе станува тешко да се препознаат. За разлика од порано, сега и тие се облекуваат добро и повеќе внимаваат. Богатите шеици од Дубаи уште паѓаат на финтата.
На фатените им се заканува затвор и депортација. Сепак, шансата да се заработи мало богатство речиси преку ноќ очигледно вреди за ризикот.