Опуштено интервју со еден напатен уролог

Волтер Виткамп има 33 години и во животот се има сретнато со преку 6.000 пениси. Работи како уролог на клиника во близина на Келн. Не само што поставува дијагнози и оперира пениси, туку има напишано и книга – „U Fit im Schritt – Wissenswertes von Urologen“ или во превод „Здраво меѓуножје – нешта што вашиот уролог сака да ги знаете“. Книгата е преведена на француски, полски, холандски и норвешки, па освен ако не знаете еден од овие јазици, ова ви е единствена шанса да ѕирнете (токму) во уролошките авантури на Виткамп.

. . .

Уролозите баш и не се ценети како невролозите или хирурзите, на пример, а тоа си носи извесни минуси, ама и позитиви. На пример, на секоја журка на која присуствува, Виткамп мора да помине низ воведниот дел во кој објаснува зошто решил да го посвети својот живот на гледање во пениси. Ама после пар пива ситуацијата обично се менува, а Виткамп станува центар на внимание. Сите присутни умираат од желба да ги слушнат неговите медицински (често хорор) приказни, или пак го консултираат за совети од типот „за другар прашувам“, нели.

Како и да е, бидејќи ретко сретнуваме уролози од големи клиники на журки, ќе се послужиме со интервјуто на германски Vice.

Волтер Виткамп.

Кое е најлудото нешто што си морал да го извадиш од нечиј мочен канал?

Виткамп: Чистач за луле – долго парче жица со тапациран врв. Мала е шансата дека пациентот бил фанатик за чистота, ама многу е веројатно тоа да го направил за сексуална стимулација. Еднаш имав и пациент кој во пенисот си вбризгал врел парафин, за да му изгледа поголем. Морав хируршки да ги отстранувам стврднатите делови. Во секоја поголема градска клиника барем еднаш месечно ќе имаш пациент кој во мочниот канал бутнал нешто што таму не му е местото.

Секако, во меѓусебните разговори уролозите ги споделуваат своите најдобри анегдоти. Еден швајцарски доктор ми раскажуваше за пациент кој редовно му доаѓал поради инфекција на бешиката. По неколку месеци докторот конечно дознал дека пациентот работел во некој фетиш-бар, и често вбризгувал алкохол во својата уретра, за да може мочајќи да ги послужи гостите… А тоа не се добри вести за човечката бешика.

Дали почнува да ти се јавува комплекс поради тоа што секојдневно гледаш толку многу пениси?

Виткамп: Не. Јас дефинитивно не сум меѓу најнадарените мажи на светот, ама сум во рамките на просекот. А студиите велат дека ионака на жените кај изгледот на пенисот генерално обемот им е поважен од должината. Инаку, најмалиот пенис што го имам видено беше шест сантиметри во ерекција.

Дали некои мажи стварно ги ставаат своите пениси во правосмукалка?

Виткамп: Да, имав таков случај. Пациентот ми раскажуваше дека ‘усисавал’ (извинете за србизмот) влакна од мачката, ама се сопнал и му се заглавил… Која и да е вистината, многу лоша идеја е да го ставите пенисот во правосмукалка. Крвните садови можат да пукнат од притисокот, а може да биде и посебно опасно ако пенисот се доближи до пропелерот на моторот (кај некои модели правосмукалки).

Која е најлошата состојба на пенис која ја имаш видено?

Виткамп: Најлошото што го имам видено беше тешко воспаление на тестиси. Се имаше раширено во период од неколку часови, а кожата на тестисите на мојот пациент брзо поцрне и се вкрути. Изгледаа како да се од изгорена хартија. Моравме под итно да го ампутираме скротумот и дел од пенисот, како и ткиво од ногата и абдоменот. Стварно беше лошо.

А исто така, секогаш ми е неверојатно кога ќе видам фрактура на пенис. Скршениот пенис всушност изгледа како модар патлиџан со средна големина, па малку ме вознемирува кога гледам дека луѓето во сексуалните пораки го користат емоџито за модар патлиџан како симбол за фалус. Јас би рекол, многу повеќе личи на пченка.

Кое е најбесмисленото нешто што некој пробал да го направи за да го поправи својот перформанс во креветот?

Виткамп: Имав еден пациент кој си имаше ставено четка за заби во пенисот. Прво два дена ја држел во устата, за организмот „да му се навикне“ (демек да не ја третира четката како страно тело), а потоа направил рез на пенисот и ја ставил под кожата. Сето ова затоа што се надевал дека така подобро ќе ја стимулира партнерката. Нормално, на крајот дојде до воспаление.

Што те наведе да специјализираш за пениси?

Виткамп: Тоа е погрешна претстава. Уролозите се бават со бубрези, тестиси, мочни канали, простата и бешика. Ми доаѓаат и женски пациенти кога имаат инфекција на бешиката. Ама да, кога бирав што да специјализирам, девојка ми ми рече дека урологија би ми одговарала – бидејќи сум прилично опуштен и во сé успевам да најдам хумор. И мислам дека беше во право – важно е да си опуштен кога се бавиш со најинтимните делови на своите пациенти.

После сите видени последици од полово-преносливи болести видени во кариерата, дали некогаш се осудуваш да имаш секс без кондом? 

Виткамп: Имам постојана девојка и имаме безбеден секс, ама без кондом. Но пред тоа никогаш со никој не сум спиел без кондом – полово-преносливите болести се во сериозен пораст. Повеќето од нив се лечат, но некои се баш досадни, упорни и многу заразни, како кондиломите, на пример. Тоа се светли младежи во облик на карфиол. Најголемиот кој го имам видено беше со големина на тениско топче.

Мажи со постојана ерекција – кул, или болно?

Виткамп: Оф, тоа е ужасно. Во случај на продолжена ерекција, крвта која оди во пенисот не се враќа назад. На крајот на таа крв ѝ снемува кислород, што може да го оштети ткивото, ама и да биде опасно по живот. За такво нешто да излечиш мораш да испуштиш крв преку огромен шприц, или низ коренот, или низ главата на пенисот. На многу клиники, притисок врз пенисот се прави со обвивање со детски мерачи за притисок. Што значи дека освен ужасната болка, на својот орган ќе имаш и нараквица со цртани животни.

Можеш ли по големината на тестисите да оцениш колку често некој има секс?

Виткамп: Не, тоа е мит. Тестисите се потполно различни од човек до човек. Но феноменот на „модри јајца“ (blue balls) вистински постои – тестисите можат да отечат кога некој долго немал секс.

Дали кон тестисите кај некои пациенти си погруб отколку кај други?

Виткамп: Не, не се однесувам поинаку кон некој само затоа што не ми се допаѓа. Но, во некои случаи ми се случило да кренам веѓа.

Еднаш пациент беше загрижен дали можеби нешто ужасно не е во ред со него, бидејќи забележал жила што ја спојува кожичката со главата на пенисот. Таа жила се вика перинеален раб и ја има секој – баш секој.

А и секогаш ме фасцинира до каде се луѓето спремни да одат за да ја подобрат ерекцијата – прстени, инекции, чудни непроверени дроги… Можете колку сакате да ми се смеете што сум уролог, ама луѓево навистина треба да бидат подобро информирани околу овие нешта.

- Реклама -