Во пожарот кој избувна во 1 часот утрово во Лондон во 27-катница со повеќе од 120 станови, повредени се најмалку 50 луѓе, а има и загинати. Во моментот на избувнување на пожарот, во висококатницата имало неколку стотици луѓе.
Сведоштвата потврдуваат дека ситуацијата била повеќе од страшна. Некои луѓе, меѓу кои и млади лица, скокале од прозорите во обид да се спасат. Други станари си ги држеле бебињата и децата на прозорите, што за да ги заштитат од чадот, што за да им дадат на пожарникарите до знаење дека имаат деца за спасување. Други, пак, мафтале со парчиња платно, за да бидат забележани. Еден станар беше снимен и како се обидува да избега со импровизирано јаже од повеќе надоврзани чаршафи.
Првичната наредба на пожарникарите била сите да останат во своите станови додека не добијат поинаква наредба, под услов пожарот да не е стигнат до нивниот стан. Тоа е затоа што кулата „е градена според најригорозните противпожарни стандарди“, а самите врати се дизајнирани за да издржат 30-минутно горење, што би требало да е доволно за противпожарните спасувачки екипи да ги извлечат сите станари.
Но, најновите информации велат дека на официјалниот блог на кулата, станарите и претходно предупредувале на ризик од настанување на сериозен пожар. Од друга страна, како што потврди и самата претставничка на противпожарната служба, ваков досега не е забележан во историјата на нејзиното 29-годишно работење.
А само пред некој ден пишувавме за тоа колку е всушност зезнато гасењето пожар, макар и во куќа. Прочитајте на: Гасењето пожар е како шах.
Во меѓувреме, Russia Today врши „директен пренос“ од моменталните случувања. Како што може да се види (во моментот на пишување), во зградата уште гори оган и излегува интензивен чад.