Според СЗО, Кина е една од најзагадените земји во светот. Пекинг е особено познат по смогот и екстремното загадување. Од неодамна, Кина е на мисија да направи пресврт во ситуацијата, и да стане лидер во производството на енергија од обновливи извори. Целта им е да ја зголемат употребата на нефосилни горива за 20%, што со оглед на големината на земјата, ќе ја претвори Кина во зелена суперсила.
Сега кинеската влада објави дека ја комплетирале конструкцијата на најголемата пловна соларна фарма во светот, и не само тоа, туку веќе е почнато производството на енергија.
Зад 40-мегаватната соларна фарма стои компанијата Sungrow Power Supply. Фармата е изградена врз поплавен поранешен рударски град во источната кинеска провинција Анхуи.
Како што објаснува официјално лице од локалната власт, со ваквата соларна централа не само што се искористува оваа инаку бескорисна област – со што се елиминира потребата од ново земјиште, туку и го подобрува производството – поради природното ладење на површината што го овозможува водата.