Бајкалското езеро е најдлабокото, најстарото и едно од најчистите езера на планетава. И е импресивно кога ќе замрзне.
Дебелината на мразот достигнува 1.5 до 2 метри. Овој мраз може да издржи возила и до 15 тона, иако некогаш се случува и полесни автомобили да пропаднат. Мразот е различен во различните делови од езерото, а тоа е така затоа што се формира слој по слој.
Мразот во Бајкалско езеро е најпроѕирниот мраз во светот. Низ него можете да видите и до 40 метри длабочина; се разбира, кристално чистата вода има главна улога.
Во некои делови, мразот е како огледало, со идеална рефлексија. Затоа езерото е полно со туристи, кои на лизгалки, точаци и санки возат по површината. Некои пешачат по неколку стотина километри (долго е 600км) и спијат во шатори среде мразот.
А мразот пука и напукнува цело време. Некогаш пукнатините се долги и по 10-30 километри, а широки до 2-3 метри. Ваквите обично се случуваат на едни исти делови на езерото секоја година. Знаете дека ќе се случат кога ќе чуете силен татнеж што многу потсетува на грмотевица или истрел од пиштол. Благодарение на пукнатините, рибите во езерото не умираат поради недостаток на кислород.
Бајкалско езеро обично е замрзнато до мај. Но веќе во април никој не вози по неговата површина. Меурите во мразот се од метанот што го продуцираат алгите. А метанот, нели, не е идеалниот гас за вдишување.