Ова исклучително бонсаи дрво е на светов околу 400 години. Засадено е во 1625 година и моментално е 391 година старо. Ако тоа не е доволно импресивно, чекајте да слушнете дека ја има преживеано атомската бомба во Хирошима.
Дрвото му припаѓало на семејството Јамаки, кое во 1945 година живеело на само 2 милји од местото на кое САД ја фрлија нуклеарката што уби околу 140.000 луѓе – т.е. повеќе од една четвртина од популацијата на Хирошима. За споредба, нуклеарката тотално уништила сé во радиус од 1 милја, нанела тешки оштетувања на речиси сé во радиус од 3 милји, а ударот афектирал и уште неколку дополнителни милји радиус. Имало скршени стакла, на пример, и на оддалеченост од 12 милји. Но ете, семејството Јамаки, заедно со ова среќно бонсаи, преживеале релативно недопрени.
Денес дрвото е сместено во Американскиот национален арборетум (ботаничка градина) во Вашингтон. Дадено му е како подарок од страна на бонсаи-мастерот Масару Јамаки во 1976 година. До 2001-та, персоналот на арборетумот не знаел дека бонсаи-то има некаква поврзаност со Хирошима, но за тоа се погрижиле внуците на Масару, кои ја раскажале импресивната историја при нивната посета на колекцијата.