Уште две земји членки на ЕУ се приклучија кон бугарското вето за Северна Македонија, соопштил дипломатски извор за бугарскиот весник „24 часа“. Се работи за Данска и Холандија.
„24 часа“ потсетува дека и претходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, на Фејсбук објави дека „изгледа дека Бугарија не е осамена, туку има дискретна дипломатска поддршка од уште најмалку две земји членки на ЕУ“.
Милошоски додаде и дека неколку членки, како Франција, Грција, Италија и Холандија, се против усвојување на заклучоците или преговарачката рамка само за Албанија. Дипломатскиот извор за „24 часа“ ја потврдува таа информација – дека дури и да нема спорни прашања како тоа со Северна Македонија, постои силно противење за преговарачката рамка за Албанија.
Весникот потсетува и дека на ниво на амбасадори во Брисел, Бугарија ја блокираше не само преговарачката рамка, туку и заклучоците за Македонија, по што германското претседателство ја прекина дискусијата поради немањето консензус. Темата одново ќе се најде на маса на амбасадорскиот состанок на 7 декември, но потоа и на 8 декември – на Советот за општи работи.