Сé што не знаете за Ал Капоне

1000509261001_1904660285001_History-Weeds-Al-Capone-SF[1]

Имало еднаш еден мафијаш со романтично срце…

Звучи како почеток на бајка, но тоа е едно од нештата што не ги знаете за босот на чикашката мафија – Ал Капоне. На 25 јануари се навршија 69 години од неговата смрт, смрт која тој ја пречека на слобода, на својот имот во Палм Ајленд.

Нарекуван истовремено „непријател број 1“ на САД и „модерниот Робин Худ“, закоравеното срце на Ал Капоне всушност имало и слабост – љубовната музика.

Автор на љубовната балада „Мадона Миа“

Познато е дека Ал Капоне обожавал да оди на опера, како и дека бил толку голем фан на џезот, што во 1926 година го киднапира пијанистот Фетс Волер со потпрен пиштол на главата и го тера да свири нон-стоп на тридневната забава по повод неговиот роденден. Пијанистот си заминал илјада пати побогат од тоа што го заработувал дотогаш додека свирел по баровите.

Волер и Капоне сепак нема да успеат да ги реализираат плановите за дует, и покрај тоа што босот бил вешт со инструментот бенџо. Затоа пак, откако ќе биде транспортиран во затворот во Алкатраз за да ја отслужи казната, Ал Капоне ќе има доста време да се оддаде на своето хоби.

Тој секоја недела им свирел на затворениците, а еден ден напишал љубовна балада. Тоа се случило откако се зближил со пасторот кој ги посетувал затворениците. Долгите разговори за животот, љубовта и вредностите го инспирирале мафијашкиот бос и тогаш настанува култниот хит „Мадона Миа“. По повод Божиќ, Ал Капоне му го подарил листот со текстот и нотите на отец Винсент Кејси, а во песната се пее следново: „Мадона моја, ти си цветот на розите, ти си шармот кој почива во срцето на песната. Мадона Миа, со твојата вистинска љубов да ме води, ништо не може да ме поведе по лошиот пат, јас никогаш нема да згрешам. Има само една месечина над нас, едно златно сонце, има само една која ја сакам. Тоа си ти, Мадона Миа“.

Сигурно веќе се прашувате, која е музата и за кого пее Капоне? Можеби е Богородица, може да е и сопругата на гангстерот – Меј. Сепак, оваа песна преживува низ годините и во 2009 година беше снимена од членовите на фан клубот на мафијашот. Листот на кој била напишана беше продаден за 65 илјади долари. Чудно е дури и да се замисли дека во некој друг живот Ал Капоне би можел да биде музичка ѕвезда, ама ете, можел.

Бил дел од улична банда, шанкер и телохранител

Кога бил дете, бил во банда. Роден во италијанскиот дел на Бруклин, во шесто одделение се приклучува на групата „Фајв Поинтс“ во Менхетен. Во младоста работи и како телохранител и шанкер во хотелот „Харвард“ на Кони Ајленд. Шеф му е друг мафијаш – Френки Јејл. Во 1918 година се жени за Меј Кофлин и останува со неа до смртта. Има едно дете – Сони. Во 1920 година се преселува во Чикаго, на покана на бруклинскиот мафијаш Џони Торио, од кого и ќе ја наследи гангстерската организација.

Си го мрази прекарот „Скарфејс“ (лице со лузна)

Во 1917 година лицето на Капоне е унаказено за време на една тепачка во хотелот, откако ќе навреди една жена, а нејзиниот брат ќе тргне да се одмазди со нож. На лицето му нанесува три трајни лузни. Ал Капоне отсекогаш се срамел од лузните и пробувал да ја покрие повредената страна од лицето на фотографиите, а наоколу ќе зборува дека тоа му се рани од војната. Сепак, сите знаат дека Ал Капоне никогаш не поминал воена обука и не бил во војна. Сеедно, печатот почнува да го нарекува Скарфејс т.е. „Обележаниот“, за разлика од колегите и криминалците кои го нарекуваат „Big Fellow“, а најблиските – „Snorky“ (бистар и елегантен на изглед).

Криминалната банда на Капоне заработувала и по 100 милиони долари месечно

По пристигнувањето во Чикаго, Капоне работи за Торио, кој е дел од криминалната мрежа предводена од Биг Џим Колосимо. Кога Колосимо е убиен (веројатно по нарачка на Торио, спроведена од поранешниот шеф на Капоне – Френки Јејл), Торио ја презема позицијата на бос и ќе го унапреди Ал во еден од своите клучни помошници. Во јануари 1925, Торио е застрелан пред својот дом во Илиноис. Го преживува нападот, но ќе го напушти Чикаго истата таа година, избирајќи го 26-годишниот Капоне да го наследи на „престолот“. Капоне ќе ја прошири криминалната организација и ќе тргне на пат да стане еден од водечките мафијаши во Америка. Според некои проценки, неговиот криминален синдикат заработувал и по 100.000.000$ годишно – од кои најголем дел од дистрибуција и препродажба на илегални добра, па од коцка, проституција, рекетарство и слично. Човекот што сакаше да се облекува фенси, да зборува со новинарите и да блеска во улога на интернационална селебрити ѕвезда, никогаш не се извини за начинот на кој го стекна своето богатство и моќ. Тој тврдеше дека работи „за јавно добро“ за жителите на Чикаго: „90% од луѓето во Кук Каунти пијат и се коцкаат, а мојот прекршок е што ги снабдив со таа забава“.

Никогаш не е обвинет во врска со масакрот на Св. Валентин

Утрото на 14 февруари 1929, седуммина мажи поврзани со бандата на Џорџ „Багз“ Моран беа подредени во линија пред ѕидот на една гаража во Линколн Парк и изрешетани. Петмина од нив беа соработници на Моран, шестиот му работеше како механичар, а седмиот беше оптометричар кој се моткаше околу групата. Моран не беше меѓу нив. Напаѓачите беа минимум четворица, двајца од нив облечени како полицајци. Егзекуцијата стана позната како „Масакрот на Св. Валентин“, а нацијата беше запрепастена. Истрагата не најде речиси ништо, но постоеше јавна шпекулација дека Капоне – ривалот на Моран, стоеше зад убиствата, макар што во тоа време тој беше на Флорида. Никогаш не беше обвинет за тоа дело, а случајот остана нерешен.

Елиот Нес немаше толку голема улога во падот на Капоне

Заради бестселер мемоарите на федералниот агент Елиот Нес – „Недопирливите“, кој инспирираше и ТВ серија и филм, токму нему му се оддава почит како на човекот што го „симна“ Капоне од тронот. А всушност, многу од мемоарите се дело на коавторот Оскар Фрали. Сепак, како агент на прохибицијата, Нес и помал тим од луѓе вршеа рации во илегалните винарии и други места каде што Капоне продаваше алкохол и спроведуваше слични забранети операции. Агентите наводно одбиваа да земат поткуп, затоа и беа наречени „Недопирливите“ од медијата и пресот. Иако работата на Нес помогна вот тоа Капоне да биде доведен пред лицето на правдата заради прекршување на прохибицијата, владата сепак се фокусираше на тоа да го гони за избегнување на данок, а пресудата од 1931 година што го прати во затвор се должи токму на ова второво. Нес, пак, замина да служи во Кливленд како директор на јавната безбедност, каде што имаше неуспешна кариера и претрпе пораз на изборите за градоначалник во 1947 година. Подоцните години му се карактеризираат со претерано пиење, а почина во домот во Пенсилванија во 1957, истата година кога беше објавена „The Untouchables“.

Никогаш не е обвинет за убиства

Како што се насетува од претходниот пасус, единствената посериозна пресуда против Капоне е за даночно затајување. Тој успеваше да им се измолкне на обвинителите со години, бидејќи плаќаше „грдни пари“ за поткупи и запирање на истрагите и константно заплашуваше сведоци. Прв пат беше обвинет (и осуден) во мај 1929 година, откако го уапсија за поседување на нелегално оружје во Филаделфија. Помина една година во затвор, а по неговото излегување во март 1930 година, тој се најде на првата од таков вид листа на најлошите криминалци во Чикаго, во која беше прогласен за „државен непријател број 1“.

Во меѓувреме, по наредбата на претседателот Херберт Хувер да се приклешти Капоне, федералните власти изградија случај против босот за прикривање на данок, а во јуни 1931 беа поднесени обвиненија пред судот. Капоне се согласи на договор со обвинителството, според кој требаше да добие казна затвор од две и пол години; сепак, судијата ја одби спогодбата. Капоне го повлече признанието за вина, по што судењето продолжи, будно следено од медиумите. При почетокот на судскиот процес, судијата дознава дека добар дел од поротниците се подмитени и заплашени да пресудат во корист на Капоне, па ја менува целата порота. Во 1931-ва, новите поротници го прогласуваат Капоне за виновен по однос на пет обвиненија. Беше осуден на 11 години затвор и казнет со 50.000 долари (најстрогата казна за затајување на данок до тој момент).

Меѓу првите „гости“ на Алкатраз

Во мај 1932, 33-годишниот Капоне почна да ја отслужува казната во затворот во Атланта. Две години подоцна, во август 1934, тој и група затвореници беа испратени со воз во Калифорнија, од каде што беа префрлени во новоотворениот федерален затвор на островот Алкатраз во Сан Франциско. Алкатраз – затвор со максимално обезбедување, наменет за најопасните и најнепослушните криминалци, ги прими првите федерални затвореници малку порано истиот месец, непосредно пред пристигнувањето на Капоне. Тоа што „Скарфејс“ се најде таму, пак, веројатно беше владин потег со цел да се популаризира новата установа во јавноста; Капоне не правеше проблеми додека отслужуваше во Атланта и немаше некаква сериозна потреба да биде префрлен во најозлогласениот затвор.

А додека беше во Алкатраз, мафијашкиот бос почна да ги манифестира симптомите на сифилисот, кој му беше откриен при медицински преглед додека уште „престојуваше“ во затворот во Атланта. Меѓу симптомите – и деменција. Состојбата му се влошуваше, а докторите го третираа со инекции со маларија, со надеж дека маларичните трески ќе го отстранат сифилисот. Наместо тоа, третманот се покажа фатален. Во јануари 1939, тој беше ослободен од затворот и префрлен во Федералната поправна установа во Лос Анџелес, за да отслужи казна за еден од помалите криминали.

Тонење во сенка

Капоне е ослободен во ноември 1939 година, по што ќе помине неколку месеци третман од сифилис во болницата во Балтимор. Потоа, славниот гангстер ќе го помине времето надвор од рефлекторите на јавноста, рибарејќи и играјќи карти на имотот во Палм Ајленд, Флорида – имот кој го поседуваше уште од 1928-ма. Во 1940-тите, тој стана еден од првите цивили што прими пеницилин за сифилис, иако беше предоцна за да биде излечен. Во јануари 1947, 48-годишниот Капоне доживеа удар, па беше соборен од пневмонија; умре во домот во Флорида на 25 јануари. Беше погребан на гробиштата во Чикаго, до својот татко и еден од своите браќа. Во 1950, неговото семејство ги премести останките на гробиштата во Хилсајд, Илиноис.

- Реклама -