Во светот постојат над 300 различни јазици на глувонемите лица. Ова „над“ е заради тоа што тешко се прави точна статистика и затоа што постојано се појавуваат нови. Покрај тоа, различните училишта, во различни земји, можат да развијат свои системи за комуникација и тие да немаат речиси ништо заедничко еден со друг, а можно е и да се работи за истиот знаковен систем, но под различни форми. Ама јазикот, како форма на комуникација, се јавува и надвор од училишните системи. Тоа значи дека постојат и многу целосно автономни, уникатни и самостојни знаковни јазици, а со тоа и дека знаковната комуникација е соочена со тешкотии кои, во најдобар случај, се еднакво големи како и при вербалната. Кога на тоа ќе се додаде и фактот дека знаковните јазици се често во амалгам со невербалната експресија при зборувањето (гримаси и мафтање со раце), која пак често содржи регионални особености – јасно е дека различноста во знаковната комуникација станува уште посериозна.
Има школи, се разбира, кои овозможуваат групирање. Во Европа такви се: британската, германската, старофранцуската и лионската. Има и американска, а јужноамериканските се неколку. Во Азија, пак, речиси секоја земја има развиено свој посебен знаковен јазик – јапонски, кинески, тајландски. Постојат неколку видови на африкански и индиски, а има и такви кои навидум се во една група, но развиваат значителни разлики од политички причини. Таков пример се шпанскиот и каталонскиот, а и швајцарскиот, кој одбира да се разликува од германскиот знаковен јазик. Повторно се извлекува истиот заклучок – знаковните јазици се како и останатите – има сличности, ама постојат и огромни разлики.
А размислувањето?
Човекот мисли во рамките на зборот, па така, освен емоциите и чувствата, рационалните размислувања ни се одвиваат на конкретен јазик. Луѓето кои никогаш немаат слушнато говорен јазик, мислат на јазикот кој го познаваат, а тоа е – секако – знаковниот. Тешко е да се замисли како е да се размислува на знаковен јазик, но тоа е факт. Направени се истражувања на луѓе родени со оштетување на слухот и кои не познаваат никаков знаковен јазик. Кај нив има извесно одложување во церебралниот развој, кој сепак може лесно да се надмине при учење на знаковниот јазик. Дури и кога глувите луѓе го научуваат формалниот јазик на земјата во која живеат, тој не се претвора во јазик на внатрешниот глас, јазикот на кој мислат. Знаковниот останува главната подлога на размислувањето.
А тоа што ние го восприемаме како радикално различен, е единствено наш проблем.