Ел Чапо се сопна на Шон Пен

seanpenn[1]

Сé започнува од едно „обично“ интервју за Шон Пен, некаде во мексиканската џунгла, опкружени од стотина вооружени чувари – токму тоа е мигот кога мексиканската полиција му влегува во трагата на митскиот Хоакин “Ел Чапо” Гузман, до скоро најбараниот дилер на дрога во светот.

Тој се среќава со холивудскиот актер во октомври, за да му раскаже како избегал од затворот Алтиплано (со помош на техничари и подземен тунел од километар и пол), а меѓу другото и да се пофали дека продава најмногу дрога во светот и дека главно ја извезува во САД.

Средбата со Пен трае околу 7 часа, средба за која мексиканските безбедносни служби тврдат дека имале информација. Набргу по средбата, локацијата е нападната од полицијата, но Ел Чапо ќе успее да избега, „за малку“. Сепак, Шон Пен и Ел Чапо продолжуваат да одржуваат контакт преку телефон и интернет, со цел да продолжи интервјуто и на крајот да се исполни желбата на наркобосот – да биде снимен неговиот автобиографски филм, на кој веќе работи мексиканската актерка Кејт дел Кастиљо – отворен симпатизер на Ел Чапо. Токму таа е и контактот што ја овозможува средбата со Пен. Во меѓувреме, полицијата ја следи сета комуникација на Шон Пен.

Ден по апсењето, Rolling Stone објави дел од интервјуто направено од актерот. Во записите, Ел Чапо признава дека дрогата го оштетува човечкиот организам и дека го уништува човечкиот живот, но не се чувствува одговорен за небројните животи кои ги има привлечено во кругот од кој најтешко се бега. Неговата логика, како и на Тони Монтана во „Скарфејс“, а впрочем и на секој дилер во филмовите, е дека ако не тој, некој друг ќе управува со трговијата со дрога и ќе ги врти парите.

За бруталните војни со другите картели, Ел Чапо повторно се правда како што би се правдал секој мафијашки кум: „Јас отсекогаш сум се бранел. Никогаш не сум нападнал“. Највлијателниот дилер раскажува дека продава дрога од 15-годишна возраст, уште кога бил момче од сиромашна рурална област, каде живеел на ранч и немал друга алтернатива. Според него, сиромаштијата не е исчезната и трговијата со дрога сè уште е често единствениот можен начин да се обезбеди егзистенција.

Приказната на Шон Пен

„Денот е 28 септември, 2015 година. Главата ми пукна од инструкции за користење на телефоните за еднократна употреба – еден за контакт, друг за секој ден, да запаметам кои броеви да ги избришам, кои да ги сочувам, да правам енкрипција, анонимни и-мејл адреси, неиспратени пораки во папката за нацрти. Тоа е шпионски хорор филм за мене – последниот останат технолошки неписмен човек на планетата. Имам 55 години и не се научив да работам со лаптоп. Уште ли произведуваат лаптопи? Немам поим. Часот е 4 попладне. Уште еден прекрасен есенски ден во Њујорк. Улиците вријат од светла и сирени на дипломатски автомобили, дојдени се претседатели, делегати на ОН, тајни агенти, полицајци – тоа е неделата во која заседава Генералното собрание на ОН. Папата Францис си замина пред два дена, а јас сум во хотелска соба со мојот колега Еспиноза (вистинското име на соработникот на Шон Пен е сменето од безбедносни причини).

Еспиноза и јас имаме пропатувано многу заедно, но патот кој сега ни претстои е најнепредвидливиот на кој сме се нафатиле. Еспиноза е бувот кој лета меѓу соколите. Не е важно дали се наоѓа во центарот на гетото, во џунглата или на бојното поле, тој ги ликвидира опасностите со особена елегантност, разоружувачки шарм и пакосна насмевка. Ќелавата глава ти го наведува вниманието на неговите блескави очи. Тој е безрезервен и полн со фасцинација. Меѓусебно шепотиме во кодови. Најпосле малку одмор од сајбер-технологијата што ми врие во мозокот и душата. Се наоѓаме зад дебелите ѕидови на еден од најстарите хотели во Њујорк, како во заштитена тврдина од времето кога ѕидовите беа навистина ѕидови. Тивко ги кроиме нашите планови, свесни за парадоксалниот факт дека во истиот хотел е сместен и претседателот на Мексико – Енрике Пена Нието. Еспиноза и јас го напуштаме хотелот за да подишеме малку од есенскиот воздух и да се прошетаме пешки преку петте блокови до јапонскиот ресторан, каде ќе се сретнеме со нашиот колега Ал Алто Гарсија. Како што ја напуштаме „55-та улица“, тротоарот е преплавен со оклопни џипови марка SUV, кои треба да го транспортираат претседателот на Мексико до Генералното собрание на ОН. Парадоксално, навистина, бидејќи еден од луѓето од неговото обезбедување човек сака да направи селфи со мене. Замисли: јас и два метра висок Мексиканец со пирс на увото.

Зошто е парадоксално? Затоа што денешно Мексико, всушност, има двајца претседатели. А помеѓу нив двајцата, Енрике Пена Нието не е човекот со кого Еспиноза и јас планираме да се видиме и не е заради него што во изминатите две недели шепотиме во шифри…

…На 4-годишна возраст, во 1964-та година, јас копав имагинарни богатства во дворот на куќата на татко ми, додека тој црташе лажни пезоси на хартија. Ако беа вистински, тие ќе беа единствениот начин за неговото семејство да може да направи нешто друго освен земјоделството и да сонува за нешто повеќе. И додека јас сурфав на брановите на Малибу кога имав 9 години, тој веќе работеше во полињата со марихуана и афион во отсечените планини на Синалоа, Мексико. Денес, тој раководи со најголемиот интернационален нарко-картел што светот некогаш го познавал, поголем и од оној на Пабло Ескобар. Тој купува, продава и испорачува повеќе од половина од целиот кокаин, хероин, метамфетамин и марихуана што влегуваат во САД.

Го нарекуваат Ел Чапо. Или „Шорти“. Хоакин Аркивалдо Гузман Лоера. Истиот тој Ел Чапо Гузман кој два месеца порано ја понижи владата на Пена Нието и го воодушеви светот со неговото извонредно бегство од затворот со максимална безбедност Алтиплано, преку беспрекорно изграден подземен тунел, долг 1 и пол километар…

(целиот текст на Шон Пен можете да го прочитате овде)

- Реклама -