Идеалниот секс дејт, според Жижек

Словенскиот провокативен филозоф – Славој Жижек, со децении демонстрира дека е расположен да размислува и зборува за огромен дијапазон на проблеми, а неизбежно и за вашиот, неговиот, човековиот љубовен живот. Во следново видео, зборува за онлајн-дејтинг, љубов, максимата „биди свој“, секс-машините и совршениот љубовен состанок како што тој го замислува.

Slavoj-Zizek-WSBC[1]Со оглед на длабоката интеграција на Интернетот во нашите секојдневни животи, ништо чудно ако онлајн запознавањето и онлајн потрагата по љубовен партнер станат основната и најраспространета форма на љубовна комуникација. Можеби сте го пробале, можеби сте имале позитивно искуство, можеби негативно, а најверојатно сте имале мешавина од двете. Сепак, она што е неизбежен проблем при онлајн-запознавањето е фактот што првиот чекор подразбира да креирате своја верзија на себе која би била соодветна за тој медиум и која горе-долу би се совпаднала со очекувањата на другиот. Жижек овој аспект на онлајн-дејтингот го нарекува „само-комодификација“ т.е. „себе-манипулација“.

„Кога се запознаваш онлајн, мораш да се претставиш себе си на одреден начин, истакнувајќи одредени квалитети. Се фокусираш на идејата за тоа како другиот треба да те доживее. Но, сметам дека тоа не е начинот на кој љубовта функционира, дури и на најосновното ниво“, вели Жижек. Има еден англиски израз „endearing foibles“ („привлечни несовршености“, „мила ексцентричност“) – кој според него ја опишува елементарната состојка на љубовта. „Никогаш не можеш да се заљубиш во некој совршен. Мора да постои некој мал невообичаен, вознемирувачки елемент, за кој обично велиме „и покрај таа несовршеност, јас ја/го сакам“.

Како пример, Жижек наведува една интересна анкета спроведена во Европа (поточно во Франција, ако добро се сеќава), во времето кога Клаудија Шифер и Синди Крафорд биле во екот на кариерата како врвни топ-модели. Се однесувала на голем број мажи, кои требало да изберат со кого би преферирале да живеат: со Синди Крафорд или со Клаудија Шифер? Победила Крафорд, а Жижек тврди дека тоа се должи единствено на нејзината позната бемка, која во случајов е токму онаа несовршеност за која филозофот тврди дека е неопходна при заљубувањето. Со негови зборови, „Клаудија Шифер е премногу совршена“.

cindy-crawford-net-worth[1]Во друг пример, Жижек раскажува за едно дамнешно негово лично искуство, кога некаде кон крајот на своите 30-ти години, некаде во Јужна Америка, сретнал некоја многу атрактивна латино-американка. Таа му раскажувала за нејзиниот поранешен љубовник, кој кога прв пат ја видел гола и рекол: „ако изгубиш 3-4 кила, ќе изгледаш совршено“. Одговорот на Жижек е: „Што и да правиш, немој да изгубиш 3-4 кила“. Неговиот аргумент е дека токму тие вишок килограми се клучната состојка на нејзината привлечност т.е. токму онаа несовршеност што прави да помислиме дека кога би ја немало, другиот би бил совршен. Но, во реалноста, кога би го немало тој ексцес, не би добиле совршеност, туку само илузија на истата, во форма на вообичаено, стандардно женско тело. Тој вишок е она што во психо-аналитиката се нарекува „причина за објектот на желбата“ т.е. токму тој вишок, тој знак на несовршеноста, е она што прави да се заљубиме. Во контекст на онлајн-запознавањето, Жижек гледа голем проблем во тоа како овој аспект на непредвидливост би се имплементирал во онлајн комуникацијата.

Од друга страна, тој нема проблем со неспонтаноста. „Слушајте, ние никогаш не сме спонтани. Ако постои една голема лекција во оние реалните-шоуа од типот на Големиот брат, тоа е дека дури и кога сме свои, во приватниот живот, ние секогаш глумиме/играме дека сме свои“. За Жижек, тоа е добра работа. Спротивно од онаа митологијата „изрази се себе си“, „биди свој“, „биди тој што навистина си“, Жижек вели „Мислам дека најголем дел од луѓето се ѕверови, потајно. Сакам да живеам во општество каде секој ќе може да прави сé што сака, само те молам немој да се самоизразуваш премногу“. Сака луѓе што знаат да се контролираат себе си и верува во манири. Токму затоа, таа самоконтрола која е вклучена во моментот кога ја создаваме сликата за себе при онлајн-дејтинг, воопшто не му пречи.

Другиот парадокс е што токму кога се однесуваме „диво“, како да сме ја изгубиле самоконтролата (како на пример, зборуваш со Жижек и одеднаш „експлодира“ и почнува да ти се дере), токму таа експлозија, според филозофот, е најконтролирана, најизвежбана структура. Така, кога Жижек седи со пријателите, дружбата обично ја почнуваат со сочни пцовки и најневкусни навреди, а потоа, откако „ќе и оддадат почит на грдоста и невкусот“ се ослободени да се препуштат на фин разговор и да бидат свои. Според Жижек, луѓето како да имаат некоја перверзна должност кон супер-егото да зборуваат „прљаво“ и дури откако ќе се ослободите од таа должност, можете да бидете искрени и да бидете свој. Оттука Жижек негува голема симпатија кон садо-мазо сексуалноста (не, тој не ја практикува), а за садо-мазо девојките вели дека не сретнал помили жени од нив. Според него, тоа што таквите жени се способни да го направат е токму она што тој го прави со пријателите – се ослободуваат од сета перверзија и гадост и потоа целосно се препуштаат на она финото, љубезното, грижливото.

Во контекст на ова, Жижек објаснува како би се одвивал неговиот совршен романтичен сексуален состанок. „Да речеме дека запознавам дама, си се привлекуваме и се договараме да се сретнеме кај мене или кај неа, сеедно. Што се случува: таа доаѓа со нејзиниот пластичен пенис, електрично дилдо, а јас доаѓам со (нешто ужасно) мојата пластична вагина. Технолошки, тоа е прекрасно. Можеш да ги вклучиш машините и да регулираш сé – од стисокот, до вибрациите, брзината… Значи, мојата идеја за совршен состанок е следната: таа го става нејзиното пластично дилдо во мојата пластична вагина, ги вклучуваме и машините го прават тоа наместо нас. Тие зујат во позадина, а ние сме слободни да правиме сé што сакаме еден со друг: да имаме убав разговор, да пиеме чај, да зборуваме за филмови… Му оддадовме внимание на нашето супер-его, преку машините. Па каде би била тука вистинската романтика? Да речеме дека зборуваме и многу си се допаѓаме, и сипувам чај и случајно и ја допирам раката. Продолжуваме да се допираме, можеби и завршуваме во кревет, но го нема оној вообичаениот, опресивен секс во кој се грижиш за перформансот – за сé тоа веќе се погрижиле глупавите машини. Тоа би бил идеалниот секс за мене“, завршува Жижек.

Ако баш сте фан, како нас, и сакате да го гледате додека зборува, видеото ќе го најдете овде.

- Реклама -