Пред месец дена Нетфликс почна да ја прикажува новата крими серија Making a murder, таман за Американците да имаат доволно време празнициве да го ругаат и онака ‘рѓосаниот американски правен систем. Бесните гледачи покренаа петиција на сајтовите Change.org и Whitehouse.gov во кои го молат претседателот Обама да го помилува главниот лик во серијата Стивен Авери.
Документарната серија во десет епизоди зборува за обвиненијата врз Авери и неговиот шеснаесетгодишен внук Брендан Дејзи дека се одговорни за убиството на Терез Халбач. За ова дело се осудени во 2007 година. Авери во моментов служи доживотна затворска казна, а луѓето кои го поддржуваат веруваат дека доказите против него се излажирани и наместени, исто како и оние за наводното силување, две години претходно, кои подоцна беа отфрлени.
Еден од обвинителите кој го смести Авери во затвор, Кен Крац, веднаш го искритикува авторот на серијата тврдејќи дека самиот си избрал докази кои би го направиле Авери невин. Авторите, како и 200.000 Американци кои секојдневно се потпишуваат на петициите, изгледа дека не се сложуваат со обвинителот.
За жал, мораме да ги разочараме оние кои ја потпишуваат петицијата, дека Обама не може да го помилува Авери бидејќи не е осуден на федерално ниво.