Околу 20-тина роднини и пријатели на пациент кој починал во Инфективната амбуланта во Струмица, утрово насилно го земале телото заедно со болничкиот кревет, го префрлиле преку оградата на болницата, го товариле во комбе и го однеле дома, пренесува „А1он“.
Според директорот на Општата болница – Наќе Гогов, 49-годишниот пациент бил донесен од страна на неговата ќерка и сопруга, околу 9:00 часот, со отежнато дишење, покачен крвен притисок, малаксаност, слабост и неможност да се движи. Веднаш му била дадена терапија, но по 15-20 минути истиот починал.
Според Гогов, дваесетина граѓани од Турското маало во Струмица тогаш упаднале во амбулантата и насилно го одземале и однеле телото, пред лекарите да стигнат да земат брис за да утврдат дали починатиот имал Ковид-19. Случајот бил пријавен во полиција.
Пациентот, инаку, имал повеќе коморбидитети, а претходно, се лекувал кај матичниот лекар.
Нешто подоцна, Гогов потврди дека креветот на кој лежел пациентот е вратен во болницата, а телото на починатиот е дома. Тој истакна дека во вакви ситуации на непочитување на протоколите немаат овластување да го земат телото и да го вратат назад.
Гогов воедно најави и соодветни пријави за сторителите, поради вознемирување и загрозување на лекарите на работното место. Истовремено, тој апелираше и да престанат сите омаловажувања на здравствените работници.