Вчера „Момците од Градскиот парк“ правеа 20 години од нивното постоење, бујрум малку историја, географија, биологија и видеа.
Навивачката група на кк Работнички “CITY PARK BOYS” на Македонската тифо сцена официјално се појавува во 1997 година. Сепак, појавата на навивачкото движење во салата во Градски Парк и поддршката на кк Работнички има своја подолга историја.
Имено кк Работнички уште во времето на настапите во бившата југословенска лига и еврокуповите, ги добива симпатиите на Скопјани кои ја исполнуваат салата во Градски Парк на секој натпревар. Со појавата на навивачкото движење во градот во 80-тите години и формирањето на навивачката група КОМИТИ, групата активно се вклучува и во поддршката на македонската кошаркарска гордост. КОМИТИ го бодрат кк Работнички се до средината на 90-тите години кога доаѓа до преструктуирање на навивачкото движење во градот.
Тогаш доаѓа до формирање на навивачката група “CITY PARK BOYS” која се насочува исклучиво кон поддршка на кк Работнички. Во групата влегуваат момци од целиот град но сепак јадрото го сочинуваат момци од Центар и Карпош. Набргу по своето формирање и дефинирање на членството групата започнува да гради свој препознатлив стил. Се изработуваат одлични транспаренти, барјаци, знамиња на два стапа, излегуваат и првите бар и обични шалови, маици, дуксери, капи… Кореографиите и паролите стануваат задолжителен декор скоро на секој натпревар.
По својата оригиналност и одлична организација, во тоа време групата претставува вистинска авангарда на Македонската тифо сцена. По годините на апсолутна доминација на кк Работнички и на “CITY PARK BOYS” до израз доаѓаат постојаните несогласувања со управата на клубот кои кулминираат со бојкот на групата. Следуваат две сезони кога групата е во постојани препирки со управата и речиси во постојан бојкот на натпреварите. Бојкотот трае предолго и доаѓа во доста незгоден период за групата, кај која по 5 годишна експанзија доаѓа и до презаситеност кај постарите членови и до смена на генерации.
Сите овие фактори пред сѐ влијаат на намалување на бројноста на групата, но и покрај сите негативности кои бојкотот и ги донесе на групата, “CITY PARK BOYS” никогаш не се повлекуваат од своите намери да го наметнат своето влијание во клубот и да издејствуваат подобри денови за својот клуб.
Во наредните неколку сезони доаѓа до извесно подобрување на односите со управата на клубот, како и подобрување и консолидирање на организацијата во групата и постепено излегување од кризата. Конечно следи и одлична сезона на групата и на клубот (освојување на 14 титула), сезона која го најави враќањето на групата на старите патеки.
И токму кога групата комлетно излезе од криза и ги подобри односите со управата на клубот, дојде до откажување на долгогодишниот спонзор на клубот по што беше доведено во прашање и опстојувањето на клубот. Па така во тој период единствена цел и дејствување на групата беше во насока на изнаоѓање решение за спас на клубот.
Сепак и во најлошата сезона на клубот во својата историја, првичната цел за опстанок во лигата беше отстварена уште во првиот дел од сезоната кој и групата го одработи доста солидно. Откако целта беше отстварена, во продолжението на првенството клубот влезе со играчите од младинската школа и без никакви мотиви што се одрази и на групата, но сепак останаа верни и единствени до крајот на сезоната.
Во паузата помеѓу двете последни сезони конечно добија најава за стабилизирање на состојбата во клубот, а тоа беше доволно за конечно да се посветат на групата. Главен приоритет за новата сезона беше да се подигне бројноста на групата, па така во пресрет на сезоната беше спроведена еден вид мобилизација во сите делови на градот кои од секогаш важеле за бастиони на “CITY PARK BOYS”. Во таа насока беа формирани и повеќе подгрупи, главно по принципот на маалски групации, што се покажа како доста позитивен потег кој го даде својот резултат-полна трибина на секој натпревар.
Првата цел беше остварена ,бројноста беше екстремно зголемена, на трибината се вратија доста стари ликови кои подолго време не беа активни, се појавија многу млади екипи чие време допрва доаѓа. Навивањето и организацијата на трибината од натпревар во натпревар се сѐ подобри и подобри, за да кулминираат на дерби натпреварите кои за прв пат беа организирани во големата арена Борис Трајковски. Натпреварите во големата арена дефинитивно ја одбележаа сезоната. Беа посебен предизвик за нив затоа што за прв пат играа во сала во која трибината на која беа сместени е поголема од салата во парк. На тој предизвик одговорија одлично, се собраа во огромен број, направија добри кореографии, навивањето беше одлично, дојде до израз нивната одлична организација.
Во текот на сезоната беа одработени и повеќето гостувања од кои за одбележување е најмасовното, она во Кавадарци кога дојде до инцидент со полицијата. По судирот со специјалците повеќе членови беа повредени и заработија кривични пријави. По овој инцидент беше воведена забрана за гостувања. Сезоната ќе остане запаметена по одличната организација, многуте кореографии, пароли, беа изработени повеќе транспаренти и барјаци, по подолго време извадија и два вида шалови… Во соработка со клубот успеаја да отворат и официјален солидно опремен фан шоп.
Општ е впечатокот дека е создадена добра основа за успешно функционирање на групата во наредниот период.
Воспоставена е одлична организација и создадена е млада екипа која ветува!!!