Модната креаторка Антонија Ристовска во Capitol Mall ја претстави својата нова колекција пролет/лето 2014 со која што го одбележа и 20 годишниот јубилеј од својата работа.
„Во создавањето ме водеше потребата за промена и за нов модерен изглед на жената од денешницата. Промената што е предизвикана од Арт Деко движењето како архитектура на орнаменти, геометрија, енергија, ретроспектива, оптимизам, боја, текстура, светлина и некогаш дури и како симболизам. Во креациите се забележува тродимензионалност, искажана длабочина и текстура во самите апликации. Кроевите ја нагласуваат женственоста изразена преку строги и меки линии. Изразени се контрасти во комбинирањето на боите и материјалите. Во изработката применета е техника Hand made подготовка пред машинско шиење. Стилски колекцијата е минималистичка и е во духот на 60тите и 80тите години. За колекцијата се изработени брендирани копчиња и парчиња накит“, изјави креаторката Антонија Ристовска.
Најновата колекција Art en Deco пролет/лето 2014 е инспирирана од модерната архитектура која почнала да се создава 20тите и 30тите години од 20 век познат како Арт Деко движење, под влијание на движењата на модернизмот, кубизмот, футуризмот и функционализмот.
Модната креаторка Антонија Ристовска со оваа колекција одбележа и 20 години од своето работење. 20 години креативност и напорна работа. 20 години на љубов преточена во креации за современата дама.
„Љубовта кон оваа работа ме водеше сите овие години. Во комбинација со талентот и напорната работа овој јубилеј од 20 години е сега пред нас. Но сепак, она кое што го чини брендот Антонија Ристовска денес е квалитетната изработка на секоја креација, која што ја дава довербата на секоја клиентка”, додаде креаторката.
Во нејзината досегашна работа влегуваат 20 колекции и 15 ревии на територијата на Македонија, Косово и Турција.
Креаторката изрази и голема благодарност до оние кои што ја поддржаа оваа ревија и одбележување на 20 годишниот јубилеј – Офис плус, Бирократ, Капитол мол, Авон, Пелистерка, Студио Леонтич, Кул кат и Дијаг.