20-80 правилото за полнење на батериите го продолжува нивниот век, но немојте да го користите

Полнењето на телефонот е лесно – доволно е да го поврзете уредот со кабел на адаптер кој е приклучен или да го поставите на безжичен полнач. После тоа, останува само да се чека одредено време додека не се постигне саканиот процент.

Но, да се одржува „здравјето“ на батеријата во нашите уреди на оптимално ниво подолг временски период е многу потешко.

Батериите се компоненти кои имаат ограничен животен век – без разлика дали го чуваме телефонот во фиока или го користиме активно, тие ќе се расипат со текот на времето. Таа стапка на деградација не е линеарна и во голема мера зависи од начинот на користење, начинот на полнење и условите во кои тоа го правиме, така што нивниот работен век зависи исклучиво од нас самите.

Што е правилото 20-80?

Според бројни студии, за да се одржи задоволително здравје на батеријата долго време, најдобар начин за полнење на телефонот е користењето на „правилото 20-80“, кое вели дека процентот на полнење на батеријата не треба да падне под 20% и  дека телефонот не треба да се полни над 80%.

Ова правило важи не само за паметните телефони, туку и за многу други уреди кои користат литиум-јонски, литиум-полимерни и силикон-јаглеродни батерии, а се применува дури и за електрични автомобили. Tesla им препорачува на своите клиенти да ги полнат возилата до 100% само кога одат на долго патување, а ако сте имале можност да користите лаптоп на Apple, сигурно сте забележале дека компјутерот ќе престане да се полни на 80% ако често го користите поврзан на полначот.

Ова правило е апсолутно точно и докажано, неговата примена ќе направи перформансите и капацитетот на вашата батерија да траат подолго, но дали е паметно да се користи?

Зошто не треба да го почитувате правилото 20-80?

Батеријата се деградира без разлика што правите, па примената на правилото 20-80 само го одложува неизбежното.

Колку ќе го продолжите животот на батеријата? Тешко е да се каже. Тоа зависи од голем број фактори, а бидејќи нашата употреба на уредот и условите во кои го полниме не се лабораториски, оваа бројка во некои случаи може да биде само неколку месеци. Сепак, дури и да се работи за дополнителни две години работен век, а најчесто не се, се поставува едноставно прашање – дали вреди?

Дали постојаната грижа за процентите вреди за парите што дефинитивно ќе треба да ги издвоите за нова батерија еден ден? Секако, зборуваме за ситуација кога уредот ќе го чувате во ваша сопственост повеќе од три години. Не заборавајте – телефонот го купивте за да ги задоволи вашите потреби, а не вие да му служите.

Не треба да се заборави и тој парадоксален дел од примената на правилото 20-80, каде за да се одржи максималниот капацитет на батеријата во иднина, се избегнуваат процентите од 0-20% и 80-100%, односно користите само 60 отсто од батеријата.

Затоа ве советуваме да се ослободите од таа обврска, да го полните телефонот само кога мислите дека е потребно, дури и преку ноќ, а кога ќе дојде време, доколку сè уште го користите истиот уред, да платите за замена на батеријата и продолжете како ако ништо не се случило.

Извор: Мондо

- Реклама -