До 18:45 часот МВР тврдело дека има визуелен контакт со Мијалков, Обвинителството се сомнева дека некој го помогнал бегството

„Во моментот на завршување на главната расправа за предметот Таргет-Тврдина, обвинителите кои постапуваа во предметот немале никакви индиции дека обвинетиот подготвува бегство. Но и покрај тоа, по завршување на главната расправа, со цел да се преземат превентивни мерки, го известиле Министерството за внатрешни работи дека главната расправа е завршена“, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Како што информираат од таму, првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, МВР ги споделило со обвинителството во саботата (20 февруари 2021 година) во 23:00 часот. Во неделата утрото, по направените неопходни проверки, изготвен бил предлог за определување на притвор. Во 12:00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го известило Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, предметните обвинители во 14:30 часот се упатиле во Основниот кривичен суд – Скопје, каде во 15:00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од страна на обвинителството било примено во 18:45 часот.

Во меѓувреме, до приемот на решението, потенцираат од Обвинителството, јавните обвинители биле известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган.

Околу 21:20 часот, меѓутоа, обвинителството било известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден.

„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот – обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело ‘Помагање на сторител по извршено кривично дело’ од член 365 од Кривичниот законик, заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“, се вели во соопштението.

- Реклама -