Како што постарите (многу) добро се сеќаваат, италијанското порно денес не е тоа што некогаш беше. Денес е последно збиралиште за пропаднати ТВ фаци и актери, но за време на втората половина на 80-тите, италијанското порно беше фенси индустрија полна со меѓународно познати ѕвезди – Моана Пози (на сликата), Роко Зифреди, Селен… кои „играа“ рамо до рамо со актери од калибарот на Рон Џереми.
Пред доцните 1980-ти, порно индустријата веќе стоеше на здрави нозе, но тогаш имаше сосема поинаква суштина во визијата. Во времето кога се случи експлозијата на културниот феномен, порното не беше така гламурозно, напротив – беше симбол на италијанската контра-култура и сексуалното ослободување.
Режисерот Кармине Аморосо ги помина последните години работејќи на независен документарец посветен на италијанските „пионери кои се бореа за слободата на говорот и сексуалната слобода, преку правото да снимаат порнографија“ – пионери како порнографите Ласе Браун, Рикардо Шчичи, Чичолина и Џулијана Гамба. Резултатот е филмот „Porn to Be Free“, кој ја доживеа премиерата лани на Интернационалниот филмски фестивал во Ротердам.
На почетокот, Аморосо го сретнува Шчичи на филмска премиера во 2011-тата и е воодушевен од него како личност. Се решава да прави биографски документарец за него, но во меѓувреме актерот открива дека е болен и снимањето не може да продолжи како што е замислено. Тогаш Аморосо го проширува фокусот на проектот и се решава да зборува за импактот на порно индустријата врз италијанската контракултура и политиката во доцните 1960-ти и доцните 1980-ти. Овие два периода се сметаат за „политичките години“ на италијанското порно, кога тоа постигна максимален импакт, во едно време во кое Католичката црква сé уште беше многу моќна.
Документарецот почнува со Ласе Браун, кој се смета за еден од првите режисери кои започнаа со снимање и го прославија она што денес можеме да го нарекуваме „мејнстрим порно“. Тој имаше научено да снима филмови од обичен прирачник, а филмовите ги пост-продуцираше дома, за да не биде уапсен. Исто така разви и иновативен дистрибутивен систем, преку списанија и поштенски сандачиња. Тој е првиот порно-автор што беше прикажан во Кан.
Во тоа време, порнографијата беше стриктно забранета т.е. илегална. Не само порнографијата што ја подразбираме денес, туку и голите слики, на пример. Општеството тогаш беше во неред: имаше дебата за разводот, за сексуалните врски на работното место и сé слично на тоа.
Ласе Браун исто така знаеше дека за нешто да стане мејнстрим, треба да се претвори во „продукт“ и со тоа да добие легализација. Кога нешто е комодитет, мејнстримот и системот те асимилираат во секој случај. Истото се случуваше и со Шчичи. Тој беше првиот што го донесе порното на ТВ. Тој беше главниот виновник што Чичолина и Моана Пози станаа ѕвезди. Тие беа толку познати бидејќи беа мејнстрим и знаеја како да ја искористат нивната популарност. Пред Браун, порното беше наменето само за богатите, за тие што можеа да си дозволат да платат илегални филмови.
Според Аморосо, порното во 1970-тите беше многу иронично и потценето. Тогаш уште немаше „порно ѕвезди“ како такви. Сé беше попријатно и поприродно – естетски, порно филмовите беа во блиска врска со природата. И се беше слободно. Џулијана Гамба – првата италијанска порно режисерка, се сеќава дека сé започнало со чувството на слобода.
Првата италијанска порно икона, пак, според Аморосо, е Илона Сталер, Чичолина. Во документарецот во голема мера се зборува за нејзината улога во порно индустријата и односот на општеството кон истата. „Таа беше многу добро изграден карактер, кој доаѓаше директно од умот на Шчичи. Таа беше олицетворение на неговата имагинација. Таа го претставува италијанското порно во сите негови аспекти и сета негова комплексност. Чичолина беше симбол на природната убавина на сексот“.
Во документарецот се вклучени и многу интервјуа со луѓе кои не биле директно дел од порно индустријата, но биле сведоци на тоа што порното значело за Италија и како станало оружје на италијанската интелектуална контра-култура. „Порното претставуваше ослободување на телото. Телото исто така мораше да биде и соблечено од концептуален аспект. На пример, хипи фестивалите во Парко Ламбро, во Милано – стотици голи луѓе во јавните паркови. Голото тело беше револуционерен елемент“.
Од политичка гледна точка, порното беше анархист со лево-либертаријански контекст: беше блиско до Радикалната партија, која во тие години имаше голема улога во дебатата за човекови права. Во 1987 година, Чичолина стана член на италијанскиот парламент токму како претставник на таа партија.
Што се однесува до падот на италијанското порно, она концептуално и политичко, Аморосо смета дека умрело со Моана Пози, во 1994-тата година. „Сепак, порното не е само перформанс, тоа е јазик што постојано се менува. Тоа е секогаш чекор понапред – фактот што денес всушност не постои индустрија не значи дека порното е мртво, само дека се движиме напред и дека начинот на кој го користиме е сменет“, заклучува режисерот.