Драги филмомани, со денешната препорака ве носиме во светот на фантазијата и детството кое со сите сили се обидува да и се спротивстави на суровата реалност.
Пред да продолжите со читање пуштете ја музиката од филмот, што освојува со секоја една нота, како вовед во фикцијата на Гилермо дел Торо.
Pan’s Labyrinth е филм од 2006 година. Случувањата се одвиваат во Шпанија за време на Втората светска војна и фашизмот. Централен лик е Офелија, коja обожува да чита бајки. Откако нејзината мајка се мажи за нацистички офицер, тие се преселуваат во неговиот дом каде владеат тензија, темнина и брутални убиства. За да избега од реалноста, Офелија сосема му се препушта на светот на фантазијата. Нејзините авантури започнуваат откако ќе пронајде лавиринт и навлегувајќи кон внатрешноста, ќе дознае дека таа е принцеза која се реинкарнирала после долги години, а нејзиниот татко се уште ја очекува да му се врати…
Филмот подлежи на една глупава дебата на интернет, сместен во неколку листи на чудни бајки за деца. Да расчистиме, ова не е детска бајка. Ова е бајка за нас возрасните кои што забораваме колку се губиме како луѓе, во моментот кога престануваме да фантазираме, цврсто барајќи закрила во рамките на она што реално не опкружува, во лажната љубов и лажните идеали.
Ова е бајка која што ќе не потсети колку пропуштаме и осудуваме. Од аспект на Офелија, „Лавиринтот на Пан“ брутално сугерира дека ако си немоќен, не секогаш можеш да ги промениш работите. Некогаш едноставно можеш да искреираш еден свој свет исполнет со магија, вистински вредности и траги кои ќе ти помогнат за миг да замижиш пред она што избираш дека не сакаш да го согледаш. Офелија е само дете, дете кое гледа смрт, слуша насилство, кое нема право да се спротивстави на бескрупулозниот и садистички настроен очув, на неговите поданици, па ниту на својата мајка. Излезот кој што постои е скриен зад античките ѕидини, зад вратите што таа ги отвора, со креда, во лавиринтот на Пан.