14-месечното бебе кое почина на Детска клиника било хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, велат од Министерството за здравство

Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта, а ДЗСИ ќе спроведе вонреден инспекциски надзор во „Козле“ и Детската клиника

14-месечното бебе кое почина утринава на Детската клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје било хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, со засегнати витални функции и во тешка општа здравствена состојба, по што ситуацијата набрзо се влошила и бебето починало, информираат од Министерството за здравство.

Оттаму велат дека телото на бебето е пратено на обдукција по што ќе се утврди точната причина за смртта, а дополнително Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор во установите каде тоа претходно било лекувано – Во Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле и на Клиниката за детски болести.

„Со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговорните лица на здравствените установи, како и на лекарите кои учествувале во претходно пружање здравствена заштита. Министерството за здравство во врска со овој случај ќе иницира комисија за стручен надзор во двете здравствени установи“,

информираат од МЗ.

Претходно, „Слободен печат“ објави дека во раните утрински часови на Детската клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје починало 14-месечно бебе. Според првичните неофицијални информации, бебето претходно неколкупати било одбивано за хоспитализација иако неговите родители три пати го носеле во Детската клиника. Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди за Слободен печат потврдил дека бебето починало рано утринава, додавајќи дека се работи на утврдување на причините за смрт.

- Реклама -