Граѓаните се изреволтирани бидејќи истите парчиња облека, се продаваат во Скопје многу поскапо отколку во главните европски метрополи.
На сајтот на познат женски бренд на урбана гардероба, во Шпанија, ќе забележите дека цените на летните фустани се движат од 14-15 евра до најмногу 40 евра, додека истите парчиња во бутиците на оваа трговска марка во Скопје, ќе ги најдете по повисоки цени, пишува Телеграф.
На пример летен фустан од тенок материјал, црна основа со бели точки, во продавницата на овој бренд во Скопје чини 2.400 денари (40 евра), додека на веб-страницата на брендот во Шпанија, цената му е 29,9 евра.
Читателка на порталот тврди дека ова што се случува со Скопје е неприфатливо и никаде не е така.
– Шетав низ трговскиот центар, насекаде залепени натписи со попусти, но кога ќе влезете внатре цените се навистина високи. Си реков ајде гледам попуст, да видам дали овој пат има нешто навистина со намалена цена, оти ми треба фустан за на свадба за следниот месец. Но ова е навистина безобразно. Истите марки се поевтини во Солун, а што е најтрагично поевтини се и во европските метрополи, како Лондон, Париз и Барселона, вели Елена, 30.
Од Организацијата на потрошувачи велат дека сè уште е рано да прават пресек со точни бројки на поплаките од граѓаните за лажни попусти, бидејќи попустите во македонските продавници за гардероба само што почнаа.
– Прецизен увид ќе имаме на крајот од летото, кога ќе завршат летните попусти. Сега имаме поплаки од граѓани за тоа дека цените на гардеробата генерално се повисоки во однос на други земји, а се жалат и за тоа дека попустите не се такви како што се декларираат. Ние им даваме совети, насоки, каде и како да реагираат, вели Маријана Лончар – Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Таа посочува и дека една од замките на трговците е тоа што на излозите декларираат попуст до 70%, а кога ќе влезете внатре во дуќанот таков попуст може да се најде само на одредени артикли. Другите може да имаат помал попуст.
Според податоци на Еуростат, за цените на облеката во еврoпските земји, најскапа е облеката во Норвешка, а најевтина е во Турција.
По Турција, меѓу поевтините земји за купување облека, според статистиката на Еуростат се и Албанија и Унгарија. По нив на листата, гледано од долу, четврта е Македонија, а нешто поскапи од Македонија се Бугарија и Романија, додека најскапи земји за купување гардероба во ЕУ се Норвешка, Исланд, Шведска, Данска, Швајцарија.
Фото: Дневник