На памет му ги знаете сите филмови и пола реплики, а можеби знаете дури и да го имитирате (ако ништо друго „уауау“, „гет даун“ и „ту да чопа“). Ама колку добро го знаете човекот Арнолд Шварценегер? Освен ако не сте ептен ептен хардкор фанови, веројатно недоволно добро. Читај: сте ги пропуштиле најинтересните работи.
1. Татко му
Таткото на Арнолд – Густав Шварценегер, бил шеф на полицијата во Тал, Австрија, каде што е роден Арнолд. Арнолд баш и не го мирисал татко му. Подоцна нема да му отиде ни на погребот.
2. Чекај, ТАТКО му?
Густав не верувал дека Арнолд е негов биолошки син, па многу повеќе го сакал неговиот постар брат – Мејнхард, благо речено. Со други зборови, ич не бил фин кон Арнолд.
3. Доаѓањето во Америка
Во САД се доселил во 1968 година. Знаете кога станал (легален) американски државјанин? Во 1983 година.
4. Внукот
По прераната несреќна смрт на брат му, Арнолд се грижел за неговиот син, а свој внук – Патрик. Му го платил и образованието, а потоа и му помогнал да имигрира во САД.
Неодамна внукот учествуваше и во шоуто Celebrity Apprentice – продолжение на франшизата The Apprentice на Доналд Трамп, ама овојпат водено од чичко му Шварци.
5. Фудбал или бодибилдинг?
Арнолд почнал да крева тегови кога неговиот фудбалски тренер првпат го однел во теретана. Било тоа љубов на прв поглед; Шварци веднаш го баталил фудбалот и почнал да „пумпа железо“.
Знаете колку години имал тогаш? 14. За кратко време, ѕидовите му биле исполепени со постери од машки бодибилдери. Неговите мислеле дека е геј.
6. Срамот како мотивација
Се срамел од своите мускули на нозете – единствените кои останале рамни додека другите растеле (како квасец). Што направил Арни? Си ги исекол сите ногавици на панталоните, за да му биде срам да шета со „чечкалици“ и да се принуди да ги вежба и нозете. И така, еден ден, обемот на мускулите на нозете ќе му достигне 20 инчи.
7. Каскадерските сцени на Шварци
Во многу од филмовите под капата на Холивуд, многу од каскадерските сцени Шварценегер ги снимал тој самиот, без дублери и професионални каскадери.
Знаете зошто? Зашто не можеле да најдат дублери со тело слично на неговото, барем на почетокот. Откако ќе се прослави и ќе инспирира еден куп мажи да тргнат да се напумпаат како него, наоѓањето на дублери веќе не било толку голем проблем.
8. Има влезено во ресторан како Терминатор
За време на една пауза при снимањето на последните сцени од Терминатор Кецот, Арнолд го напуштил сетот за да оди да руча. Дури кога ги видел реакциите во ресторанот сфатил дека сé уште ја носи шминката, дека му фали едно око и кожа на образот, и дека изгледа навистина страшно (впрочем како што изгледа во Терминатор)
9. Шварценегер и Хамерите
Не знам колку е вистина, ама дедо ми ми се има фалено дека го имал првото (или можда второто, не памтам) Фиќо во Скопје.
Е, Шварци го имал првиот приватен Hummer во Америка (нагалено познат како Humvee). Буквално бил првиот американски граѓанин што приватно поседува ваков џип, кој дотогаш важел исклучиво за воено возило.
10. Шварци ♥ Реган
На првите избори кога го стекнал правото да гласа како американски државјанин, Шварценегер гласал за Роналд Реган. Реган му бил лична инспирација. И тој беше поранешен актер, а и гувернер на Калифорнија.
11. Џабе ти се јајца
Откако на една од политичките кампањи го гаѓаа со живо јајце, Арнолд го соблече исфлеканото сако и продолжи како ништо да не било. Подоцна рече дека гаѓачот сега му должи сланина, зашто „не бива јајца без сланина“.
12. Доктор Шварценегер
Во 1996 година, Универзитетот во Висконсин ја награди неговата хумана работа со почесен докторат. Во 2009 година, почесен докторат за хуманост му додели и универзитетот USC. Во 2010-та, универзитетот Emory му врачи почесен докторат по право.
13. Ја одби платата
Како гувернер на Калифорнија, Арнолд ја одби годишната плата од 175.000 долари. Тоа што работеше како гувернер, очигледно, значеше и дека не може да глуми во филмови. Со други зборови, Шварци практично се откажа од богзнае колку милиони долари.