Во последните 24 часа, позитивни на коронавирус се 15.2% од тестираните.
Регистрирани се 112 оздравени/излечени пациенти, што е многу повеќе од вчерашниот ден, кога имаше 80 оздравени – најмногу во последните две недели. Тоа ќе беше одлична вест, ако денешниот не беше ден со најмногу смртни случаи во 24 часа во земјава, од почетокот на пандемијата наваму. Досега само еднаш имавме двоцифрен број починати (11) и неколку пати по 9 и 8 починати.
По два дена надолен тренд, од 425 на 403, па од 403 на 393, денеска повторно има зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти во болниците. Според податоците што ги објави Министерството за здравство, до утрово хоспитализирани се 405 пациенти.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 4 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 45 пациенти. Нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, како и две деца позитивни, а 4 деца со симптоми на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 14 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 136. На респираторна машина се 11 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 41, во болницата во Штип се хоспитализирани 32 пациенти, а на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 78 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Министерот Филипче денеска изјави дека за разлика од минатата недела, нема пораст на притисокот врз болниците со пациенти од Ковид-19.