Денеска (24.11. вторник), во 20:00 часот во галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје, ќе се одржи промоција на зборникот на „100 Илјади поети за промена“ во кое се застапени поети од Македонија што учествуваа на петтото издание на манифестацијата кај нас.
Специјални гости на настанот се Мохамад Фарахат и Мохамад Магди, кои се претставници на интернационалното движење од Египет.
„Темите што се најчеста инспирација за авторите и поетите, кои се дел од ова движење обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи. Преку ова читање ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Ќе се види дали може да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија; размислувања и разговори со самите себе; внатрешни промени наспроти големата слика.
Да проговориме јавно за сите оние промени што сакаме да ги видиме, а се однесуваат, како на оние материјални аспекти, така и на оние духовни аспекти, за тоа дека не сакаме да има повеќе војни, геноцид, сакаме да има толеранција, разбирање, прифаќање на различностите и всушност ширење на онаа генерална, основна порака на луѓето, т.е. повеќе љубов, повеќе разбирање и прифаќање на луѓето такви какви што се.“