Уругвај, сместен меѓу Аргентина и Бразил, е едно од најпривлечните скривалишта на Јужна Америка. Со население од само 3.4 милиони луѓе, од кои многу се европски имигранти, Уругвај нуди уникатен микс од недопрена природна убавина и ултра луксузен начин на живот, европски вкусови и топол латино дух.
650 километри извонредна плажа
Крајбрежјето на Уругвај е магнет за мирен живот – проткаен со километри и километри златни песочни дини и плажи, а во поголемиот дел од годината единствениот шум е тој на Атлантикот.
Сепак, за време на летната сезона има повеќе активност. Крајбрежниот град Пунта дел Есте е една од најбараните области за купување на имот во земјата, и еквивалент на Сен Тропе на Јужна Америка. Во екот на сезоната, од декември до јануари, се претвора во гламурозна арена. Ако тоа не ви е по вкус, во близина е и Isla Gorriti, каде повторно можете да одморите од гужвите.
„Може да се стигне со јахта за помалку од 30 минути и тоа е совршено место да се опуштите и да уживате во сите убавини и животот на Пунта дел Есте оддалеку“, вели Диего Роел – директор на Terramar Christie’s, која е филијала на агенцијата за недвижности Christie’s International Real Estate.
На 40 минути возење од Пунта дел Есте се наоѓа Хозе Игнасио, неговиот побоемски „колега“, но подеднакво привлечен соседен град. Во последните неколку години малото рибарско селце стана место каде што врие со современ начин на живот. Модерните вили, претежно сопственост на аргентинската и бразилската елита, „вриштат“ со луксузен дизајн.
Извонредни имоти, по атрактивни цени
Оваа палата, лоцирана на 220 акри на брегот на океанот, нуди неверојатен поглед. Борови шуми наоколу прават местото да изгледа отсечено, но во реалноста, е на само неколку минути возење од Пунта дел Есте.
Лос Примос е дизајн на Пачино Фирпо, и вклучува амфитеатар, седум пространи спални соби, штали, поле за поло, голф терен со шест дупки и 450 метри недопрена приватна плажа. Како што забележува Роел: „Имате сé во ваш сопствен свет.“
Атрактивни даноци
Ако сте жител на Уругвај (или поминувате шест месеци годишно во земјата), вие како странец не плаќате данок на доходод од странство во период од пет години, а по истекот на тој период плаќате само 12%. Освен тоа, сте ослободени и од плаќање на даноци во сопствената земја.
„Многу Европејци и Американци имаат корист од тоа и инвестираат во имот во Уругвај”, вели Роел. „Сега е време да се инвестира во недвижен имот тука. Вредноста на имотот во Уругвај зависи од економската ситуација во Аргентина и Бразил, бидејќи многу граѓани од овие земји поседуваат втор дом тука. Двете економии веќе излегуваат од кризата и купување на имот или земјиште е многу разумно“.
Уругвај има меѓу најдобрите вина во светот
Винскиот регион на Уругвај е прилично мал – целата земја произведува колку една голема винарија во Аргентина, но локалните го сметаат виното за еден од своите најценети продукти за извоз.
Основната сорта на грозје во земјата е Танат. Вината се карактеризираат со многу танин (состојка во виното која доаѓа од лушпите, семките и петелките на грозјето), интензивна црвена боја и аромати на темни плодови и чоколадо. Тука ќе најдете множество од приватни и семејни винарии, распрскани околу градот Кармело и на исток.
Храната
Уругвај се гордее со свежи локални производи. Таму ручеците се долги и лежерни, а вечерите траат до доцна по зајдисонце. Таму ќе најдете ресторани во кои храната се подготвува од вистински шефови – виртуози, а јадењето е еквивалент на уживање.
Колонијални богатства, потопени во историјата
На бреговите на Рио де ла Плата, која го дели Уругвај од Аргентина, се наоѓа извонредно привлечниот колонијален град Колонија дел Сакраменто, основан од Португалците во 1680 година. Во историскиот кварт, кој е на листата на УНЕСКО за светско културно наследство, времето како да е запрено. Таму ќе најдете стар светилник, старовремски подвижен мост, и лавиринт од старомодни калдрмени улици и плоштади прошарани со миризливи јасминови дрва.
Треба да се спомне и крајбрежната престолнина Монтевидео, основана во 1726 година, чија впечатлива архитектура во арт деко стил привлекува многу посетители.
Ексклузивни одморалишта
Во Уругвај нема недостаток од луксузни хотели во кои може да „киднете“ за време на викендот. Трите VIK прибежишта – сопственост на норвешкиот милијардер Александар Вик, истовремено се и извонредни архитектонски достигнувања. Тука може да пливате во 23-метарски гранитен базен со поглед кон морето, а ноќта да ја поминувате во луксузот на Playa Vik Hotel. Или можете да возите кану во лагуната на Хозе Игнасио, уживајќи во огромната површина со зеленило.
Од неодамна вратите ги отворија уште шест луксузни бунгалови – Bahia Vik, скриени меѓу песочните дини и украсени со извонредна современа уметност, избрана од самиот Вик.
Активен живот на отворено
Уругвај нуди исклучително голем избор на активности на отворено. Благодарение на длабоко врежаната каубојска култура во земјата, тука јавањето е на високо ниво, било да јавате низ рамнините Такуарембо со локалните гаучоси, или да играте поло на прекрасните полиња. Ловот, риболовот, кајтсурфингот (сурфање со падобран) и голфот, се исто така популарна забава како за локалните, така и за посетителите.
Бутици и шопинг
Во летните месеци, Пунта дел Есте и Хосе Игнасио се домаќини на луксузни модни настани на локални и меѓународни дизајнери. Тука ќе најдете и мноштво од локални дизајнерски бутици со широк избор на модерна гардероба.
Цела Јужна Америка е на дофат
Аргентинската престолнина Буенос Аирес е лесно достапна со авион и на неколку часа со брод. Еднаш опиени од прекрасната архитектура, тангото и виното Малбек, Уругвај ви ја отвора вратата кон цела Јужна Америка.