10 причини Бугарите да земат македонски пасош

Пред да почнете со читање, да се разбереме. Текстот е преземен од бугарскиот портал Webcafe. Го пишува Бугарин што го посетил Скопје. Сé што е точно и неточно си е негова работа и сé напишано е негово лично видување. Нас нé интересира да видиме како нé доживуваат од страна. Нешто ќе ви се допаѓа, нешто не, а има и глупости. Сепак, како што ќе рече авторот, пред сé тргнете ги настрана предрасудите. Одиме:

skoppilkolp[1]

„Многу Македонци се жедни за бугарско државјанство. Но, ете и 10 примамливи причини заради кои вреди да си земете и вие македонски пасош.

1. Сакате да се почувствувате како британски пензионер во Бугарија

Ако штотуку сте навлегле во третата доба од животот, сте се средиле со пензија и сте подготвени да ги оставите децата и внуците сами да се справуваат со суровата бугарска реалност, качувајте се со сопругата во Вектрата и право во земјата на великиот Александар!

Само таму можете да трошите со замав на британски пензионер кој дошол да ја истера својата старост во Бугарија. Во Македонија дефинитивно ќе можете со еден просечен бугарски приход да водите прилично пристоен живот, под услов да не сте особено претенциозни. (Со оглед на тоа дека сте биле во касарна, сте свикнале на теренски услови и сте изградиле вила во Владо Тричков со своите две раце, тешко дека некја Македонија може да ви се спротивстави).

Во нашата југозападна сосетка речиси сé е значително поевтино отколку кај нас. Цените на прехранбените продукти се пониски за околу 20%, а кај овошјето и зелечнукот е значително поголема. Просечната цена на килограм јаболки во Бугарија е околу 1,43 долари, додека во Македонија е 0,82 долари – тоа е за 74 проценти помалку. Доматите пак се 58% поевтини, а кутија популарни американски цигари кај соседите чини 32% помалку.

Месечниот наем на дом со три спални во центарот на Скопје (без трошоците) излегува во просек за 31% помалку отколку во центарот на Софија (односно 414 и 544 американски долари).

Пристоен ручек во комфорен скопски ресторан може да ви излезе околу 10 лева, а за уште толку ќе можете да ручате царски – со шарски плескавици, кебапчиња, јадења, сушеници и рујно вино, како што е редот.

Цените на билетите за кино се два пати пониски. Поевтини се и повеќето услуги и забава воопшто, што речиси сигурно важи и за концертите на Лепа Брена на градскиот стадион во Скопје (веројатно се сеќавате на оној концерт летото во 90-та година во Софија, а некои убави спомени е добро да се повторат).

Ако сте премногу млад за пензија, но ви се живее како да е последно, просто грабајте сé што можете и пак поживејте си извесно време во Македонија, зашто вака или онака, имајќи го во предвид фактот што нашето поколение ќе се пензионира на 70-годишна возраст, не е сосема сигурно дали воопшто ќе ја дочекате пензијата.

2. Сакате да излезете од НАТО и ЕУ

Ако сте модерен бугарски пензионер, роден во 50-тите години, имате завршено економско во ВИИ „Карл Маркс“ и ја разбирате глобалната економија, најверојатно сте убедени дека е погрешен секој чекор кој нé оддалечува од Русија во последните 25 години.

Македонија е место кое сé уште не е во Европската Унија. А и политичката елита таму ги вложува сите потребни напори за максимално да го одложи овој историски потпис, така што е сосема можно тоа никогаш да не се случи. Затоа бидете спокојни – во Македонија ќе бидете на раат од директивите на Брисел.

Една од главните предности на македонските земјоделци и производители на храна е дека тие не се во согласност со европските стандарди за квалитет, од кои некои се јасно непотребни. Но тоа воопшто не значи дека квалитетот на храната во Македонија е понизок, дури напротив – од лично искуство се осмелувам да тврдам дека производите кои тука се поскапи и влегуваат во графата „био“, таму се продаваат по сосема народни цени.

3. Во Македонија ќе продолжите да живеете во атмосфера на политичка стабилност

Македонија е место каде што исто така се почитува „цврстата рака“. Демократијата е фасадна, исто како и кај нас, па тешко дека ќе ви недостасува нешто од родната политичка ситуација.

Веќе 10 години таму е на власт ВМРО-ДПМНЕ – националистичка партија која го храни народот со патриотизам, а Никола Груевски тера трет премиерски мандат. На неколку централни локации во Скопје можат да се забележат големи натписи „ВМРО е сé што имаме“, испишани со спрејови, што веројатно треба да е израз на народната љубов. Тешко.

Задкулисните игри исто така нема да ви недостасуваат таму. Претседателот на македонските тајни служби (на македонската ДАНС) -разузнавачот Сашо Мијалков, е прв братучед на Никола Груевски и син на првиот македонски министер за внатрешни работи. Затоа, нагалено, луѓето во Македонија власта потоната во задкулисни практики ја нарекуваат „Фамилијата“.

4. Сакате со едно патување да ги посетите Лондон, Париз, Рим и Инстанбул

Без преувеличување, Скопје е Лас Вегас на Балканот.

618x346[1]

Во центарот на главниот град има триумфална капија како онаа во Париз; хотел чија фасада е во размер 1:1 со хотел “Де Пари” во Монако; огромни споменици, кои би требало да го легитимираат богатото минато на младата македонска нација, а потсетуваат на оние во Рим; двокатни автобуси исти како лондонските; џамии кои ги симболизираат трагите на Ориентот на Балканот; чаршија која потсетува на чаршијата во Истанбул, ама и на софиската; театар што неверојатно наликува на Народниот театар “Иван Вазов” во Софија; прекрасна река околу која ситуацијата, барем во централниот дел, потсетува на Дунав и Будимпешта…

620x231[1]

Градот е горе-долу добро среден. По површина Скопје е горе-долу како Софија, но преовладува ниската градба, бидејќи е лоциран на силна сеизмичка зона. Метеж таму речиси нема, бидејќи градот не е толку густо населен колку што се Софија, Пловдив, Варна, Бургас и други големи бугарски градови. Можат да се забележат многу велосипедисти и има изградени велосипедски патеки.

5. Ја сакате природата

Обично Бугарите од некоја чудна причина, ја асоцијацираат македонската природа со планински „чукари“. Но таквата претстава е категорично погрешна. Вистината е дека исто како Бугарија, Македонија има многу убави природни пејзажи, а значителна површина од територијата е покриена со шуми, населени со многу претставници на дивата фауна.

matka

Само 10 минути со автомобил јужно од Скопје се наоѓа масивна планина, многу слична на Витоша. Смело можам да констатирам дека езерото “Матка”, лоцирано во нејзиното подножје, е едно од најживописните места кои некогаш сум ги посетил.

6. Ви фалат патријархалните семејни односи

Македонците се доста порелигиозни и поконзервативни од нас, без разлика дали се претставници на македонскиот, албанскиот или на некој друг етнос. Но, би рекол дека старомодноста им е повеќе во добра смисла на зборот.

Свадбите се чести. На долгото живеење во семејна заедница без потпис не се гледа со добри очи. Разводите се остваруваат само во краен случај.

Го имаат задржано архаизмот во семејните односи, како и блиските контакти со роднините, вклучувајќи и со подалечните. При една прошетка низ Скопје можат да се забележат блиски луѓе од различни генерации да одат рака под рака, вклучувајќи дури и татковци и синови – нешто што барем јас не можам да се сетам да сум го видел некогаш низ софиските улици.

Ако држите до традиционалните семејни вредности на Балканот, Македонија дефинитивно е вашето место.

7. Ќеиф ви е да се шлаете по тренерки

Се сеќавате ли како се облекуваа светкавите софијци пред околу 10 години, токму во зората на „мол“ културата во Бугарија? Кај нас веќе ретко може да се видат луѓе со брендирани тренерки, во комбинација со големи златни ланци. Но, овој моден тренд сеуште е актуелен во Македонија.

Голем дел од луѓето таму очигледно сé уште го сметаат спортскиот комплет со три ленти за формална облека, бидејќи тренерките се буквално насекаде. Без да претерувам, тие се како современа народна носија.

Ако сте носталгични по тренерките, дефинитивно Македонија е местото каде нема да ви се потсмеваат, ако седите со нив во симпатична префинета пицерија или едноставно излезете така на неделна прошетка низ центарот.

8. Оправдувањето дека ве фаќа мрза бидејќи нема работа, во Македонија навистина ќе важи

Ако се сака, се разбира, човек секогаш може да најде работа во големите градови на Бугарија (иако повеќето слободни позиции не нудат можности за добар развој на кариерата и платата често е недоволна). Во Македонија, тоа е значително потешко.

Невработеноста во Македонија е најголемата во цела континентална Европа. Според официјалните податоци, објавени во текот на 2014 година, околу 28 проценти од населението на југозападниот сосед е невработено. За споредба, кај нас невработеноста во јануари 2015 година е 10.8%. Но треба да се земе предвид и фактот дека значителен дел од населението на Македонија работи во сивиот сектор, што секако значајно го намалува реалниот процент на тамошните невработени.

9. Сакате убава музика

Нема сомнение дека Балканскиот полуостров е дом и родно место на вонредно многу таленти во сите области на уметноста. Но, тешко дека има друго место на Балканот каде што луѓето се музички талентирани како оние во Македонија. И тоа не важи само во однос на народното творештво, по што е позната оваа фолклорна област.

Иако е мала и недоволно економски развиена земја, во Македонија живеат многу талентирани пејачи, музичари, композитори и текстописци кои не само што постојат како имиња, туку активно творат.

Во речиси сите популарни музички стилови (поп, рок, рап и др.) има големи македонски хитови, многу од кои стануваат популарни и надвор од границите на релативно младата република.

10. Сфаќате колку е важна толеранцијата

Додека во некои западни нации секојдневно на дневен ред се испитуваат придобивките и штетите од мултикултурализмот, и се прашуваат дали воопшто е можно да постои прогресивно мултикултурно општество, Македонија со векови е суштински пример за тоа дека предрасудите меѓу различните етноси и верски заедници се целосно неосновани.

Додека други се прашуваат дали мирниот соживот е можен, во Македонија тоа е факт со векови. Освен, се разбира, кога политичката пропаганда не почнува да создава вештачки етнички тензии, кога некому тоа му е политички корисно.

64.2 проценти од населението на на југозападниот сосед се Македонци, а 25.2 проценти се Албанци – тоа се двете најголеми етнички групи во земјата. Главните вери се христијанството (70.1% од населението) и исламот (28.3%).

Во Скопје, каде населението се состои главно од Македонци – кои исповедаат христијанство, и од Албанци – кои традиционално се муслимани, барем на прв поглед џамиите изгледаат побројни отколку црквите. Ова, се разбира, никако не го попречува модерниот европски изглед на градот, како и на чувството дека се наоѓаш во Европа (а не на Блискиот Исток или на друго место).

Македонија веројатно е единствената земја во која ромскиот јазик се смета за еден од официјалните јазици. Ова се однесува на “Шуто Оризари” – најголемата ромска општина на Балканот, која се наоѓа во северниот дел на Скопје. За разлика од други слични места во Европа, каде преовладува ромското население, тука можее да шетате сосема мирно и безбедно.

Според македонскиот Устав, сите јазици кои се зборуваат од над 20% од жителите на одредена македонска општина, се официјални јазици на оваа општина. Ова се однесува и на албанскиот, турскиот, српскиот, бошњачкиот, влашкиот и други јазици. Инаку официјалните национални јазици во Република Македонија се два – македонската јазична форма и албанскиот.

***

Пред да земете македонски пасош, најважно е да ги оставите предрасудите во Бугарија.

Мнозинството од Македонците се љубезни, воспитани и добродушни луѓе. Имаат силна смисла за хумор и често се самоиронизират, вклучувајќи и во однос на историските прашања.

Тие всушност не нé мразат, како што родните и македонските извори на историска и политичка пропаганда се обидуваат да ни прикажат. Напротив – исклучително одзивливи се, и не се преправаат дека не те разбираат ако не го зборуваш нивниот јазик (на пример, како што често прават Французите, кога ќе се осмелиш да ги прашаш нешто на англиски во Франција)“.

Теодор Спасов за Webcafe.bg

- Реклама -