Сите филмови со научно фантастична содржина се обидуваат да ја
предвидат иднината најточно што можат. Денес, погледнуваме наназад и ги
одделуваме оние филмови што најмногу промашија.
10. „Сојлент грин“ (1973)
Според овој филм, популацијата на Менхетен во 2020 ќе биде 40 милиони жители (3 пати повеќе од што е денес Мумбаи). Со оглед на тоа што според пописот од 2000 година имало само 8 милиони, а годината во која се случува филмот рапидно се наближува, њујорчаните би требало веднаш да засукаат ракави и да се фатат за работа доколку сакаат приказната да се обвистини.
9. „Блејд ранер“ (1982)
Ридли Скот можеби има едно чудо филмски ремек-дела зад себе, ама како предвидувач на иднината е крајно неуспешен. За 10 години од денес (кога се одвива филмот) нема да имаме колонии на други планети, ниту пак самосвесни роботи кои ќе изгледаат како Дерил Хана (колку и добро тоа да звучи). Од друга страна, компанијата наречена Терафугија успешно го тестираше првиот летечки автомобил, па можеби за една декада ќе можеме да се бркаме низ воздухот.
8. „Островот“ (2006)
2019 се чини дека е одлична година за научно фантастичните приказни. Во истиот период кога Ридли Скот ги натера репликантите-убијци да трчаат низ Лос Анџелес, Мајкл Беј ги натера клоновите-бегалци да бегаат низ Лос Анџелес. И иако постојат некои експерименти во областа на човечкото клонирање, ќе минат уште многу години пред научниците да можат да ја клонираат Скарлет Јохансон.
7. „Враќање во иднината 2“ (1989)
Еве што ќе се случи во 2015: „Ајкула 12“ нема да излезе, освен ако студијата не мислат дека е апсолутно неопходно да направат уште 8 дела во наредните 6 години; нема да можеме да го контролираме времето (ако ништо повеќе, тоа ќе стане уште понепредвидливо); и за жал, оние хавер-скејтборди нема да бидат направени. Од друга страна, овој филм добива поени за предвидувањето дека Флорида Марлинс ќе ја освојат титулата во MBL (бејзбол лигата) во 1997.
6. „2010“ (1984)
Според „Одисеја 2001“ требаше да има летови со екипажи до Јупитер и самосвесни компјутери кои ќе започнат да убиваат, во годината кога ја гледавме вселенската станица Мир како паѓа на Земјата и работевме на Windows XP. „2010“, крајно непотребното продолжение, ги продолжува промашувањата од првиот дел, со додаток на уште една огромна грешка – студената војна. Според овој филм, за неколку месеци Американците и Советите треба да се на работ на третата светска војна. И освен ако односите меѓу Путин и Обама драматично не се влошат, не очекувајте да се оствари предвидувањето.
5. „Двовековен човек“ (1999)
До 2005 требаше да имаме роботи кои ќе изгледаат морничаво, за чистење на куќата и одзатнување на одводите. Но, во 2005 имаве Румба со опен сорс софтвер и малку поголема комора за собирање на правот. Убав производ, но не очекувајте оваа самодвижечка правосмукалка да ви стане пријател во скоро време.
4. „Смртоносна трка 2000“ (1975)
Во овој филм, фашистичка Америка се претвора во една голема улична трка полна со ужас, во која не се победува само според тоа кој најбрзо ќе ја заврши, туку и според бројот на недолжните минувачи кои ќе ги убиете попатно. И иако во 2000 година во Америка имаше тензични избори, никој не бркаше пешаци по тротоарите.
3. „Бегство од Њујорк“ (1981)
Во 1981 година, кога Џон Карпентер го направи овој филм, трета светска војна и/или незауздлив криминален бран беа реална можност. Но, во годината кога се случува приказната, Советскиот Сојуз се распадна, а процентот на криминал опадна за 75%! Доколку претседателот заглавеше во Њујорк, тоа сигурно ќе беше заради сообраќаен метеж, а не затоа што го киднапирале улични криминалци.
2. „12 мајмуни“ (1995)
Според филмот, најголемиот дел од човечката популација изумрела во 1996 заради ослободувањето на неверојатно заразен вирус. Единственото нешто што дојде блиску до епидемија во тоа време беше првиот сингл на Спајс Грлс.
1. „1984“ (1984)
Џорџ Орвел замислил општество од иднината со кое владее тело наречено Министерство за љубов, кое ги шпиунира граѓаните; политички глупости кои постојано се вртата на огромни телевизори; и песни напишани од компјутери. Па и не промашил многу, да бидеме искрени.