Трамп именуваше нов шеф на Агенцијата за граница и имиграција: Најави масовна депортација, а на демократите им порача да му се тргнат од патот

Новиот станар на Белата куќа вети дека ќе ја започне најголемата операција за депортирање недокументирани имигранти во историјата на САД на првиот ден од неговото претседателствување

Том Хоман, новоименуваниот граничен шеф на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, им порача на демократските пратеници кои би можеле да се спротивстават на плановите за масовна депортација „да му се тргнат од патот“, пишува Би-би-си. Трамп најави дека на непопустливиот поранешен директор на Агенцијата за граница и имиграција, Том Хоман, му го доверува секторот за надзор и безбедност на границите на земјата во новата администрација.

Новиот станар на Белата куќа вети дека ќе ја започне најголемата операција за депортирање недокументирани имигранти во историјата на САД на првиот ден од неговото претседателствување.

Мигранти преминуваат во САД на границата на Тексас во Игл Пас, Фото: EPA-EFE/Adam Davis

„Некои демократски гувернери велат дека ќе ни се испречат и ќе ни ја отежнат работата, но ние ќе го направиме тоа“,

рече Хоман во понеделникот на Фокс њуз.

Неговата директна порака беше одговор на извештаите дека демократските лидери во некои градови и држави се подготвуваат да се спротивстават на плановите на Трамп за депортирање илегални имигранти.

Хоман рече дека ова е негов втор пат кога излегува од пензија за да работи во администрацијата на Трамп и дека е благодарен за укажаната доверба.

„Со нетрпение го очекувам тоа“,

рече Хоман, нарекувајќи ја неговата улога итна да „помогне во справувањето со националната безбедносна криза“.

За време на администрацијата на Бајден, бројот на гранични премини од Мексико достигна рекордно високо ниво, иако бројките значително се намалија од декември. Поранешниот директор на Агенцијата за граница и имиграција, која Трамп ја создаде за време на неговиот прв мандат, рече дека илјадници пензионирани агенти исто така се подготвени доброволно да му се придружат.

- Реклама -