Mанифестацијата „100 илјади поети за промена“, во соработка со Здружението „Контекст-Струмица“ распиша конкурси за поезија и плакат за годинашното издание на фестивалот.
Поезијата и дизајните, со кои ќе може да конкурираат автори од сите генерации, треба да бидат социјално ангажирана и да разработуваат теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.
На конкурсот секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на Фејсбук-профилот на оваа манифестација или на poetizapromena@gmail.com најдоцна до 15 септември 2024 година, по што ќе бидат разгледани од комисијата која ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението и потоа селектираните автори ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“ – Македонија, што ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.
„Сите останати пристигнати песни ќе бидат објавени на официјалниот сајт на ‘100 Илјади поети за промена’, затоа што сме овде да се читаме и онлајн, нели? Ваков конкурс се организира веќе четиринаесет години по ред – исто онолку пати колку и што се организира оваа манифестација во светот“, велат организаторите.
Покрај конкурсот за поезија, распишан е и тој за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а истите тематски можат да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој и мирот.
Дизајнерските решенија, исто како и песните, може да се испраќаат на истата електронска пошта (poetizapromena@gmail.com), или на Фејсбук-профилот на манифестацијата најдоцна до 15 септември, по што ќе бидат разгледувани од комисија одредена од манифестацијата и здружението.
Пристигнатите дела ќе бидат изложени за време на изложбата што е дел од „100 Илјади поети за промена“, на 28 септември 2024 година во Струмица.
Дизајнот на плакатот за годинашното издание на оваа манифестација е на Стефан Јакимовски, универзитетски професор и мултимедијален уметник.