Обвинителството брзо да ја спроведе постапката и да го расветли бегството на Блерим Рамадани, повика Тошковски

„Јавното обвинителство постапува во насока на расветлување на овој случај уште од 14 август во делот на тоа како е пуштен, го пуштил ли некој, организирал ли некој, го пренел ли некој итн. МВР уште истиот ден има превземено соодветно процесно дејствие и го има доставено до Обвинителството за гонење на организиран криминал“, изјави мининистерот за внатрешни работи во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски го повика Јавното обвинителство максимално брзо и ефикасно да ја спроведе постапката која треба да го расветли случајот со бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани.  

Според Тошковски, МВР ги обезбедило сите потребни докази врз основа на кои, како што рече во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, ќе може да се утврди вистината.  

Министерот ова го кажа, одговарајќи на прашање во врска со обвинувањата од СДСМ дека бегството на Рамадани е координирана акција на МВР и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ кои го бранат началникот на северната граница Наим Рамука, со чија и со помош на лице вработено во Општина Чаир Рамадани побегнал преку граничниот премин „Блаце“. 

„На 14 август, мислам дека 14 беше денот кога се утврди дека предметното лице (Блерим Рамадани н.з.) не е во куќен притвор, таму каде што судот го ставил. Истиот или наредниот ден, не ме држете за збор, од страна на МВР е отворена соодветна процесна постапка во насока на обезбедување на материјални докази коишто би требало да го расветлат токму овој случај. Јавното обвинителство постапува во насока на расветлување на овој случај уште од 14 август во делот на тоа како е пуштен, го пуштил ли некој, организирал ли некој, го пренел ли некој итн. МВР уште истиот ден има превземено соодветно процесно дејствие и го има доставено до Обвинителството за гонење на организиран криминал. Го повикувам Јавното обвинителство максимално брзо и ефикасно да постапи согласно сите потребни процесни дејствија коишто треба да се преземат во насока да се расветли овој случај“,

изјави министерот за внатрешни работи. 

Според Тошковски, станува збор за прв случај во историјата на Македонија во кој на странец за кого се води постапка за екстрадиција му е одреден куќен наместо ефективен притвор.  

„На истиот му беше изречен ефективен притвор и после тоа наеднаш за првпат во историја на Македонија на странец за екстрадиска постапка му се изрекува куќен притвор. Првичните обвинувања беа како МВР дозволило предметното лице да избега од куќен притвор. Јас не познавам друг странец којшто бил ставен во куќен притвор, а притоа да се бара од МВР да гарантира за тоа дека истиот нема да избега“,

вели министерот.  

Тој ги повтори наводите што ги изнесе претходно деновиве дека судот во решението со кое го задолжил МВР да го врши надозорот над Рамадани во куќен притвор, не навел како да се врши надзорот.  

„Имам видено многу решенија каде судот утврдува како ќе се врши надзорот. Секој еден човек кој е дел од фелата ќе ви каже дека МВР во куќен притвор постапува со повремени проверки во рамки на решението за куќен притвор коешто го донел судот“,

рече Тошковски.  

Зградата на Јавното обвинителство на РСМ / Фото: „360 степени“ (Архива)

На прашањето дали може да се декласифицираат снимките од безбедносните камери од преминот „Блаце“ како што бара СДСМ и јавно да се види дали Рамука го превезувал експрипадникот на ОВК надвор од Македонија, Тошковски одговори дека јавноста ќе ја дознае вистината.  

„Се што е во интерес на јавноста, јавноста ќе го дознае, верувајте ми. Само што јавното обвинителство треба да си ја процесуира постапката која што е надлежно да ја процесуира. И јас верувам дека ќе ја процесуира“,

рече министерот за внатрешни работи.   
  

- Реклама -