Настан во чест на 23 Октомври во Гостивар: Македонската револуционерна организација е стебло кое одолеало на многу непогоди, суши, студови!

Во пресрет на Денот на македонската револуционерна борба 23 Октомври, вечерва во Гостивар се одржа пригоден настан, со кој почна одбележувањето на празникот. Присутните имаа можност да се потсетат на историските настани врзани со почетоците и значењето на македонската револуционерна организација и да уживаат во родољубива поезија од познати македонски автори.

Свеченоста ја организираше гостиварскиот општински одбор на Сојузот на борци.
„На утрешен ден пред 131 година во Солун беа шестмина меѓу народот познати како даскали, екими или едноставно-учени луѓе. Тие поставија едно стебло кое низ годините растеше и се разгрануваше, некогаш некои гранки на тоа стебло се потсушуваа, некои гранки соседите ги калемеа, други жестоко ги сечеа и сакатеа. Тоа стебло одолеа на многу непогоди, суши, студови и мразови. Растеше на раскрсница, секој недобронамерен патник по некој белег и лузна му оставаше, сепак не се даваше, жилавоста од коренот доаѓаше. Организацијата со тек на време си го менуваше името, но во сите имиња остануваа две придавки, македонска и револуционерна. Токму затоа преку утрешниот ден, го славиме и му се поклонуваме на делото на тие шестмина прометеи.“, подвлече Радислав Ѓиноски, претседател на Сојузот на борци Гостивар.

На 23 октомври 1893 година во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун, шестмината македонски интелектуалци Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антов Димитров и Христо Батанџиев ги поставија темелите на македонската револуционерна  организацијата. За нејзиното формирање, почетоците, мисијата и значењето на македонската револуционерна организација, зборуваше прфесорот по историја, Горан Павлоски, кој меѓу другото рече:
„Во 90-тите години од 19-тиот век во Македонија наполно зореаа условите за појава и развој на нацинално ослободително движење. Македонската револуционерна организација на почетокот била наречена Македонски револуционерен комитет, потоа преименувана во ТМОРО, ВМОРО, а најмногу е позната како ВМРО. На основачкиот состанок било решено Организацијата да биде тајна и нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност. Политичката цел била: автономија на Македонија која се сфаќала како преодна фаза во создавање на независна држава, да се чува самостојноста на Организацијата за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните држави. За претседател бил избран Христо татарчев, а секретар и благајник Дане Груев. По создавање на Организацијата, револуционерната идеја почнала брзо да се шири помеѓу широките народни маси, особено меѓу прогресивната младина и нивните професори кои стануваат ‘рбетот на Организацијата. „Слобода или смрт“ била паролата под која Организацијата постепено ги ширела своите редови“.

Настанот го збогатија учениците од основното училиште „Гоце Делчев“, Јана Нофитоска и Горазд Јовчески со рецитација на стихови за Македонија.

Одбележувањето на 23 Октомври во Гостивар ќе продолжи утре со положување на цвеќе пред споменикот на паднатите борци.

 

Извор