Кешишов со писмена изјава го сменил првичното тврдење: Палевски не бил со нив за време на убиствата на Вања и Панче

Во изјавата на Кешишов е наведено дека Палевски на 22 и на 27 ноември 2023 година не бил со другите тројцата во Велес и во Скопје, туку дека спиел во штабот. Понатаму пишува дека згрешил што го послушал Велибор Манев, еден од обвинетите за кој Палевски со писмо до јавноста тврдеше дека тој е извршител на убиствата. На местото на убиствата, според Кешишев, во Скопје и Велес биле тој, Велибор и Боре Видевски, но не пишува кој пукал

„На појадокот ме информираше, го видов блед. Абе, вели, ’го знаеш ли девојчето што е исчезнато, тоа во Скопје што одело на училиште. Епа, ми го лепат мене’. Вели, ’вчера влегле во штаб, имало претрес, пет души биле уапсени, што имам јас со тоа девојче’“, сведочеше Димковски

Еден од обвинетите за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, Влатко Кешишев, кој според обвинението го откри местото каде што е закопано телото на девојчето, неочекувано до судот доставил изјава и го сменил првичното тврдење дека Љупчо Палевски-Палчо е извршител на убиствата.

За изјавата денеска информираа од судот од каде што рекоа дека била доставена преку затворот.

За изјавата на Кешишов, неговиот адвокат, Игор Ефремов, рече дека претходно не бил запознаен и оти допрва ќе треба да се види за што станува збор.

„Денеска првпат се запознав со дадената изјава која беше доставена до нас како бранители преку судот. Тој има напишано некоја изјава, меѓутоа не би сакал да ја коментирам содржината имајќи предвид дека ниту знам дали ракописот е негов, дали потписот е негов, дали тој своеволно има пишувано или, можеби, не сакам да помислам, некоја присила или закана имало за таква изјава. По однос на содржината, ќе разговарам со него, па дополнително ќе ве известам и вас“,

рече Ефремов во изјава за медиумите по судењето.

Во изјавата од Кешишов наведено е дека Палевски на 22 и на 27 ноември 2023 година не бил со другите тројца во Велес и во Скопје, туку дека спиел во штабот. Понатаму пишува дека згрешил што го послушал Велибор Манев, еден од обвинетите за кој Палевски со писмо до јавноста тврдеше дека тој е извршител на убиствата. На местото на убиствата, според Кешишев, во Скопје и Велес биле тој, Велибор и Боре Видевски, но не пишува кој пукал.

Изјавата од Кешишов, на адвокатите и на сите обвинети, судијата им ја подели на крајот од денешното рочиште на кое сведочеа тројца сведоци.

Адвокатот Бојан Манев, прашан за новата изјава за Кешишов, ја оцени како несериозна и додаде дека на крајот на процесот секако ќе има соочување помеѓу сите нив.

„Едноставно мислам дека не е сериозно и совесно во ваков предмет прво да се изјавува едно, а потоа друго. Ќе има во понатамошниот тек на постапката соочување меѓу нив“,

изјави Манев по завршување на денешното рочиште.

Сведочење на лицето што го возел Палевски од Белград до Турција

Третиот денешен сведок беше Стефан Димковски, лицето што го има превезено обвинетиот Љупчо Палевски од Белград до Турција.

Димковски рече дека учествувал во основање на политичката партија Десна, а оти со Палевски се познава од 2017-2018 година преку политички активности. Потоа, како што рече, поради приватни проблеми од 2021 година ретко одел во партијата.

Димковски сведочеше дека на 1 декември 2023 година, околу 8:45 часот, Палевски му се јавил и го прашал дали може да оди да го земе од Белград и да го врати во Македонија.

„На Телеграм ми се јави. Јас бев во Струмица, само што ги однесов децата во градинка, отидов на сервис да менувам зимски гуми и добив повик од Љупчо Палевски. Што правиш, можеш ли да дојдеш да ме земеш од Белград, дојдов на прегледи и нешто да завршам за партијата. Реков дека ќе дојдам, да завршам само со сервисот“,

кажа сведокот додавајќи дека во 15:30 часот го земал Палчо од центарот на Белград.

Потоа рече дека тргнале на пат за Скопје и оти во делот кај Велика Плана застанале на ручек.

„Ми кажа дека оди во Белград да договори нешто за годишнина од партијата и прегледи да прави. Разговаравме за децата, проблеми со кичмата. Потоа зборувавме за активностите во партијата, дека требало да се активира“,

рече тој.

Од Велика Плана, додаде Димковски, тргнале по патот за Скопје, а пред Ниш Палевски му рекол дека треба да застанат во градот. Таму разговарал со неговиот адвокат Васко, по што му рекол дека ќе треба да преспијат таму затоа што утредента требало да се види со некој човек.

Додека седеле на терасата од хотелот, како што рече Димковски, Палевски му кажал дека му било резервирано во понеделник во Турција да го примат за операција за ‘рбетот. 

„И ми вика изгледа ќе треба да ме враќаш назад за Белград, затоа што од таму имало лет во сабота, вика после состанокот, да ме вратиш назад. По 15 минути ми вика, а што да дремеме овдека, зошто од тука, ако не си изморен, или ќе се менуваме, за 5-6 саати џитни ме во Турција. Ајде вика, жити Бога, немој по аеродроми да одам со торби, Истанбул е голем град, ќе ме однесеш до еден Турчин, знае македонски, ќе ме оправа по клиники“,

рече сведокот дополнувајќи дека поевтина варијанта му било да го однесе до Турција.

Прашан дали на граничните премини спрема Бугарија и Турција имале проблем, одговори не. Кога стигнале во Турција, според сведочењето, се сместиле кај Турчин со име Усеин, кој го нашол Палевски.  

Димковски сведочеше дека не забележал ништо невообичаено кај обвинетиот Палевски, во смисла на неговото однесување.

„На повеќе наврати ми го побара телефонот, се јави, еднаш немаше батерија, потоа во Пловдив се загубивме, испаднавме на лош пат, застанавме и кога добив интернет побара да се јави на Влатко Кешишов. Отидов до тоалет, не знаев што разговарале“,

рече тој.

Во продолжението од сведочењето рече дека на 3.12.2023 по појадокот си заминал.

„На појадокот ме информираше, го видов блед. Абе, вели, ’го знаеш ли девојчето што е исчезнато, тоа во Скопје што одело на училиште. Епа ми го лепат мене’. Вели, ’вчера влегле во штаб, имало претрес, пет души биле уапсени, што имам јас со тоа девојче’“,

раскажа сведокот.

Дополни дека на негово прашање каква врска има партијата со девојчето, одговори дека комбето го нашле во партијата.

Сведокот посочи дека биле сместени во Баликесир, и дека откако си заминал Љупчо останал во градот. 

„Откако го оставив се шетав, сѐ по пат како што одеше се шетав и вечерта кога се стемни се сместив во еден хотел. Кога се вратив вечерта во хотелот, мои пријатели почнаа да ми праќаат линкови, ’што е ова, да не го местат’. Кога го видов министерот Оливер Спасовски што кажува, се онесвестив во хотелот. Се слушнав со Палевски го прашав што е ова што те потенцираат тебе. Тогаш ми кажа ова е тешка местенка и од тогаш се изгуби комуникацијата“,

рече сведокот.

Прашан дали додека бил заедно со Љупчо, тој споменал дека сака да патува во Минск, одговори дека Палевски кажал дека можеби ќе треба да размислува за политички азил.

„Не знам што ми смислил Оливер Спасовски, можеби опција е да барам политички азил“,

додаде сведокот.

Прашан дали во разговорот на појадок Палевски му кажал дека го бара полиција, одговори негативно.

На прашања од Обвинетиот Љупчо Палевски, сведокот одговори дека Палчо нормално се пријавил во куќата во Турција, со својот пасош и дека не го принудувал да одат по споредни патишта.

Прашан дали верува дека однесувањето на Палевски прејудицира дека е виновен, тој одговори „Јас ако некој ми лепи таква работа и јас би бил блед“.

Претходно денеска сведочеа познаници на Палчо, сведоците Ерол Османи и Ламбе Бучков.

Манев: Обвинителството нема никакви докази за самиот предмет

За сведочењето на двајца сведоци, адвокатот Манев има поднесено приговори и рече дека нивните изјави покажуваат „само една работа, дека Јавното обвинителство овде нема никаков предмет“

„Ако мислите дека изјавите на сведоците, односно изјави за некакви должничко-доверителски односи на Љупчо Палевски со еден од сведоците, од пред десетина и повеќе години, се нешто важно за овој предмет, тогаш јас стварно не знам каква врска има сето тоа. Во изјавата на сите тројца сведоци денеска не видовме никаква важна работа што кореспондира со самиот предмет“,

рече Манев.

Марјан Витановски, адвокат на Палевски / ФОТО: Принтскрин

Според него, Обвинителството нема никакви докази за самиот предмет и „вади некакви небулози што немаат допирна точка со самиот предмет“.

Манев вели дека се промашени сите сведоци.

„Овде Обвинителството има измислен мотив, нема докажано никаков мотив за поврзаност, прво за таткото на девојчето, нема пронајдено оружје со кое треба да биде извршено кривичното дело. Ние не знаеме дали има едно или две оружја со кое е извршено убиството. Штуро е обвинението во тој дел. Најголема непознаница, местото каде наводно е киднапирано девојчето и е земено, овде Обвинителството не посочи ниту еден доказ и не даде образложение за самото обвинение. Нема ниту една снимка ниту една безбедносна камера ниту изјава на сведок дека тие луѓе биле на тоа место“,

рече тој.

Следното рочиште е закажано за 25 ноември 2024 година, кога се предвидени сведоците Игор Јанушев, Зоран Абаз и Љупчо Мицевски.

- Реклама -