Ние сме жени коишто живеат во патријархат. Овој систем, навидум невидлив, директно влијае врз нашите животи, од нашите избори до нашите права. Конзервативното општество има очекувања од нас жените и го диктира нашето постоење. Ние исполнуваме норми, правила и улоги што ни се наметнати уште пред да бидеме свесни за нив. Никогаш не сме прашани што навистина ни треба за да ги постигнеме нашите лични цели.
Ние не сме само поединци, ние сме партнерки, мајки, колешки – улоги што мораме да ги исполнуваме пред да се погрижиме за себе. Нашите интереси и лични потреби честопати се на последното место, затоа што се очекува да бидеме во служба на некој друг – дома, на работа, во заедницата.
За жените што работат, особено во тешки и нехумани услови, оваа реалност е уште покомплицирана. Тие мораат да најдат баланс меѓу професионалните и приватните обврски, а тоа често е невозможна мисија. Во руралните средини, каде што нискиот процент на вработени жени е уште поочигледен, оние што сепак работат се соочуваат со сериозни проблеми – физичка и ментална истоштеност, здравствени проблеми, сексизам и мобинг на работното место – изгора на сѐ, ужасно ниски плати.
Обидот да се балансира оваа животна реалност е речиси невозможен и крајно нехуман процес.
Двојната стигма – да се биде и жена и работничка – го прави животот уште потежок за жените во Македонија. Освен за еднаква плата, платено породилно отсуство и подобри работни услови, жените мораат да се борат и со конзервартивното општество, кое сѐ уште не сака да ги разбере овие нееднаквости. Потребна е длабока промена и одговорност за да се решат овие прашања. Ова не е само женска борба, туку борба на сите нас. Солидарноста од мажите и поддршката од целокупната заедница се клучни за да се стигне до вистинска еднаквост. Време е да го препознаеме овој проблем и да се бориме за општество каде што жените ќе имаат еднакви права и можности, без предрасуди, без ограничувања и без компромиси.