ЕУ го активираше Механизмот за цивилна заштита, спасувачки тимови ќе се испратат во БиХ

Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина побара меѓународна помош од Европската Унија за справување со последиците од поплавите

ФОТО: EPA-EFE/NIDAL SALJIC

Европската Унија го активираше Механизмот за цивилна заштита и испраќа спасувачки тимови на терен во Босна и Херцеговина, вели претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Нашите срца и мисли се со луѓето во Босна и Херцеговина погодени од разорните поплави. Го активиравме нашиот Механизам за цивилна заштита на ЕУ и испраќаме спасувачки тимови на терен. Ова е солидарноста на ЕУ на дело“,

напиша Фон дер Лајен на Икс. 

Претходно и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, Луиџи Сореца, исто така на Икс, објави дека БиХ го активирала Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и спасувачки тимови ќе пристигнат на терен во поплавените подрачја.  

„ЕУ стои до БиХ! На местото на настанот пристигнуваат екипи за реакција. Босна и Херцеговина е полноправна членка на Механизмот од септември 2022 година. Тимовите на Босна и Херцеговина учествуваа во спасувачките напори во Словенија и Турција. Солидарност на дело“,

пишува Сореца во објавата.

Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина побара меѓународна помош од Европската Унија за справување со последиците од поплавите.

Барањето е испратено по одлуката на Владата на Федерацијата БиХ, според која, поради обемот на поплавите, е потребна меѓународна помош и доставен е список на најнеопходната опрема и средства.

- Реклама -