Димитриеска-Кочоска: Се очекува следната недела да легнат парите од унгарскиот кредит

Министерката за финансии денеска во Будимпешта го потпиша договорот за заем од Унгарската експорт-импорт банка

Во текот на следната недела очекуваме да легнат парите од договорот за заем од 500 милиони евра на девизната сметка на Министерството за финасии, соопшти вечерва во видеојавување за ТВ Сител министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска од Будимпешта, каде што денеска го потпиша договорот за заем со Унгарската експорт-импорт банка.

„Очекувам в четврток, кога ќе бидеме вратени назад во Македонија, да ги испечатиме потребните документи за да се изврши исплатата и да ги проследиме до Унгарската банка, и со тоа следната недела средствата да бидат префрлени на девизната сметка на Министерството за финансии“,

рече таа.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кососка во видеојавување од Будимпешта за ТВ Сител / Фото: Принтскрин

Според неа, станува збор за кредит од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие ќе влезат како среедства во буџетот, од каде 250 милиони евра ќе бидат насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра ќе останат во буџетот и ќе се наменат за инфраструктурни проекти, осносно за финансирање на проектите на општините.

Условите под кои овие средства ќе бидат достапни за бизнисот, како што рече таа, се исти како и за државата.

„Компаниите ќе треба да аплицираат кај Развојната банка, а таа понатаму ќе стапи во комуникација со нив“,

вели министерката.

Посочи дека во Будимпешта е разговарано и за втората транша за дополнителните 500 милиони евра под истите услови.

„Министерството за финансии следната недела ќе ја почне процедурата за одобрување на дополнителните 500 милиони евра, договор што очекувам да биде потпишан до средината не декември, а исплатата да се изврши во јануари следната година. Значи следната недела започнуваме постапка, зашто исто така треба да биде одобрена од Собранието“,

рече таа.

На прашање за обвинувањата од опозицијата дека власта зема сомнителни пари што нѐ ставаат во должничко ропство, посочи дека целата поспатка за кредитот е транспарентна и е одобрена со закон во Парламентот.

„Не знам што е сомнително кога Собранието гласало. Транспарентно кажуваме на што ќе се трошат парите. А опозицијата треба малку повеќе да се грижи како парите се трошеле во минатото. Државниот закон за ревизија излезе со извештаи, очекувам дека ќе има предмети што ќе се процесираат понатаму, па јас повеќе би била загрижена за тоа. Ова се унгарски пари, а кога зборуваме за унгарски пари, зборуваме за пари на Европската Унија. Не гледам тука ништо спорно“,

рече таа.

Денешното потпишување на договорот следува по усвојувањето на Законот за задолжување кај Унгарската експорт-импорт банка во македонското Собрание на 17 септември годинава.

Заемот беше договорен кон средината на јули годинава од страна на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.

Половина од средствата од позајмицата, односно 250 милиони евра, ќе бидат наменети за капитални проекти во општините, а другата половина за директна поддршка за македонската економија, односно заеми за компаниите.

- Реклама -