Четири филма од португалската кинематографија ќе бидат прикажани во Кинотеката во Скопје идната недела. Станува збор за ремастирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби.
– Ова е несекојдневна можност да се видат вакви филмови, кои се речиси непроценлив историски документ, создадени во центарот на турбулентните настани во тогашната Португалија. Тоа се и своевидни манифести за односот меѓу киното и политиката, за самиот медиум на филмот, не само како обичен набљудувач на настаните туку пред сè како активен учесник во револуционерниот чин – велат од Кинотеката.
Проекциите почнуваат во среда (26 јуни) во 20.15 часот со „Оружје и луѓе“ (As Armas e o Povo), документарец снимен во 1975 година. Режијата е на Колектив на работниците за кинематографската дејност (Colectivo dos Trabalhadores da Actividade Cinematográfica)
„Оружје и луѓе“ (As Armas e o Povo) е најпознатиот филм за португалската „Револуција на каранфилите”. Група на филмски режисери со рачни камери излегуваат на улиците на Лисабон за време на револуционерната недела од 25 април до 1 мај 1974 година и ги снимаат бурните политички случувања. Филмот ги комбинира големите движења на масите со говорите на Марио Соареш и Алваро Кунал и ослободувањето на политичките затвореници со улични интервјуа направени од бразилскиот режисер Глаубер Роча. Овој филм е непроценлив историски документ, создаден во центарот на настаните од група од дваесетина португалски режисери и филмаџии кои се потпишуваат како „Колективот на работниците во кинематографската дејност”. „Оружје и луѓе“ е манифест за односот меѓу киното и политиката, не само како обичен набљудувач на настаните, туку пред сè како активен учесник во револуционерниот чин.
На 27 јуни ќе биде прикажан „Трас ос монтес“, снимен во 1976 година според сценарио и во режија на Антонио Реис и Маргарида Мартинс Кордеиро. Улогите ги толкуваат Албино С. Педро, Карлос Маргаридо, Маргарида Мартинс Кордеиро.
Trás-os-Montes еден од репрезентативните филмови на португалското Ново кино (Novo Cinema). Филмот е сниман за 70 работни дена, во три различни фази. Антонио Реис и Маргарида Кордеиро патуваат десет илјади километри и поминуваат десет месеци во монтажа. Актерската екипа е составена од натуршчици, жители на Bragança и Miranda do Douro.
Филмот е една од првите португалски докудрами, со лиричност во изразот и нелинеарна нарација. Поточно, станува збор за „етнофикција” која портретира типични карактери од североисточниот дел на Португалија, прикажувајќи ги народните обичаи во величествен рурален амбиент.
На 29 јуни ќе има две проекции – „Маскарас“ во 18 часот и „Бегалец“ во 20.15 часот. Документарецот „Маскарас“ е снимен во 1976 година, во режија на Ноемиа Делгадо, по сценарио на Бенјамин Переира и Ернесто Веига де Оливеира. Филмот ги документира подготовките и самите ритуалите што се одржуваат во регионот Трас-ос-Монтес во северна Португалија како дел од прославата на „Зимскиот циклус“, серија празници што траат од Божиќ до Чиста Среда. Зимскиот циклус сè уште се слави во многу региони во Европа, посебно во алпските, словенските и балканските земји, во форма на ритуали кои ги изведуваат маскирани протагонисти. Во повеќето случаи, овие маскирани протагонисти ја играат улогата на ликови земени од традицијата и фолклорот. Многу такви ликови – демони и духови – имаат јасна поврзаност со мртвите. Разумно е да се претпостави дека во далечните времиња овие ликови биле дел од ритуалите што се одржувале во врска со култот на мртвите. Во Португалија, вакви ритуали на маски, може да се најдат во руралните и неразвиените делови на Трас-ос-Монтес, каде што се одржуваат за да одбележат различни празници од зимскиот циклус – Божиќ, Денот на Свети Стефан, Феста дос Рапазес или „Празник на Младинците“, Нова година, Водици и Чиста среда.
„Бегалец“ е игран филм од 1978 година, во режија на Луис Филипе Рока, по сценарио на Луис Филипе Рока и Арналдо Абоим. Играат: Луис Алберто, Мариа до Сеу Гуера, Жозе Виана. Филмот е базиран на познатото бегство на Диас Лоренсо, политички затвореник во Форт Пенише, озлогласен затвор на северниот брег на Португалија за политичките неистомисленици на тогашниот диктаторски режим. „Бегалец“ го прикажува патешествието на еден политички затвореник, од наместениот судски процес, тепањето од агентите на тајната служба и неговото затворање во затворот. Таму се прикажува секојдневниот живот на затворениците и се прикажуваат типични ситуации од нивниот живот.