Дводневен семинар предводен од Гералд Рауниг

На 5 и 6 јули ќе се одржи дводневен семинар предводен од Гералд Рауниг.

Семинарот е дел од КРИК – фестивалот за критичка култура, како клучна програма на Контрапункт – организација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики.

Фокусирајќи се на најновите книги на Гералд Рауниг – Dividuum (2016) и Disassemblage (2022), кои ги сочинуваат двата тома на Машинскиот капитализам и молекуларната револуција – овој настан ги поканува филозофите, уметниците, активистите, кураторите и културните работници, да ја истражуваат работата на Рауинг контекстуализирајќи ги неговите теориски филозофски тези во локалниот контекст. Избраните учесници ќе се вклучат во предсеминарска листа за читање и ќе треба да се запознаат со извадоци од двете книги (неодамна преведени на македонски од Жарко Трајаноски), како и фрагменти од други текстови централни за развивање на мисла на Гералд Рауниг.

Учесниците ќе имаат можност директно да се вклучат во работата на авторот и да дадат, како и да добијат повратни информации за сопствените интереси кои се во фокус на нивната работа. Некои концепти кои треба да се дискутираат: машина/механика (во контекст на социо-еко-системите); апстрактни машини; дивидуално/дивидуа; молекуларна/моларна/минорна.

Програмата на семинарот е следна:

Ден 1: (05.07.2024) 15:00-18:00 : Фокус „Дивидуа“

Ден 2 : (06.07.2024) 16:00-19:00 Фокус „Дисемблажа“

Гералд Рауниг во рамки на семинарите ќе понуди во дијалог одговори на оние прашања кои се поврзани со сите важни теориски, политички, филозофски и уметнички перспективи согласно интересите на учесниците, во рамки на поставените теми во книгите кои ќе бидат предмет на критичка расправа.

Гералд Рауниг е еден од водечките филозофи, кој става акцент на политичката филозофија и теоретичар на културата и уметноста. Работи во Zürcher Hochschule der Künste и во eipcp (Европски институт за прогресивни културни политики); член е на уредувачкиот одбор на повеќејазични издавачки платформи како transversal texts и списанието Kamion. Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански и турски. Tој е автор на „Уметност и револуција“, „Илјада машини” „Фабрики на знаење, индустрии на креативноста“, „Дивидуа“, и „Дисемблажа“. Со креативна примена на идејата на Жил Делез и Феликс Гатари за желбените машини во поширокиот општествен еко-систем, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска со уметноста и активизмот. Рауниг развива современа концепција за политичката промена – концепција што ги надминува застарените формулации на востание и отпор.

Оваа година Контрапункт ја имаше привилегијата да преведе во својата едиција Пунктум три книги од Гералд Рауниг: „Уметност и револуција“, во превод на Катерина Шекутовска, „Дивидуа“ и „Дисемблажа“ во превод на Жарко Трајаноски.

- Реклама -