Половина деценија откако беше законски воведен, се очекува конечно да профункционира Советот за граѓански надзор. Во утврдена процедура, телото ќе може да провери дали некој број се прислушува незаконски
Улогата на Советот беше само на хартија во изминатите години поради законски недоречености и времето потребно да се создаде политичка волја за компромис меѓу власта и опозицијата
Советот за граѓански надзор требаше да биде непартиско цивилно тело што ќе контролира – дали оние што смеат и можат да ги следат комуникациите, тоа го прават легално, следејќи ја законската процедура. Но, и пет години откако Собранието го формираше првиот состав, врз основа на тогашниот нов Закон за следење на комуникациите, Советот за граѓански надзор остана нефункционален.
А со тоа, граѓаните сиве овие години останаа покуси за можноста да поднесат барање за да проверат – дали институциите од безбедносно-разузнавачкиот систем незаконски ги следат нивните телефонски броеви.
Во канцеларијата каде што требаше да функционира ова тело, во зградата на Собранието, и натаму има само малку мебел и ништо друго. Тука требаше да работи првиот состав на Советот, во кој беа и поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, како претседателка, и универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, како член. Бидејќи не им беа овозможени основни средства за работа, си поднесоа оставки.
„Во законот стои само дека просторните услови за работа на Советот ги обезбедува Собранието, а финансиските средства за работа на Советот се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Како тие средства ќе се префрлат од буџетот на Советот, не е одредено“,
рече Маргарита Цаца Николовска – поранешна претседателка на Советот за граѓански надзор (11.12.2019г.).
Беа подготвени законски измени, но долго немаше политичка волја за нивно усвојување.
„Измените и дополнувањата беа во претходна процедура. Предвидуваа и надомест за ангажманот на членовите на Советот. Но, за жал, тие измени не се усвоија во Собранието, не добија двотретинско мнозинство и остана ситуацијата статус кво на работата на Советот“,
рече Талат Џафери – поранешен претседател на Собранието на РС Македонија (27.10.2020г.).
Начинот на финансирање на Советот не беше единствениот проблем што не профункционира ова тело. Опозицијата се согласуваше со појасни законски одредби за финансирањето. Но, бараше и проширена законска надлежност – граѓанското тело да може самостојно да врши надзор.
„Тие измени на Советот му даваа повеќе одврзани раце, бидејќи според моменталниот закон Советот одговара на претставки од граѓаните со тоа што таа претставка ја препраќа до собраниската Комисија, а собраниската Комисија врши надзор. Измените беа во насока и Советот да може со целосен капацитет да прави проверки, бидејќи ако не му дадеме одврзани раце, ние праќаме порака дека се сомневаме во капацитетот на граѓанскиот Совет и тогаш немаме паралелна контрола“,
рече Емил Димитриев – поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ (27.10.2020г.).
Власта, пак, сметаше дека таквите измени можат да ја намалат довербата во системот и надзорот над следењето на комуникациите.
„Опозицијата побара таа Комисија да биде исклучена од тој процес на поплаки и утврдување на оправданоста на поплаките од страна на граѓаните што апсолутно сметам дека е недозволиво и не само што е апсурдно, туку и отвора можност за зголемени сомнежи или продолжување на сомнежите од страна на граѓаните кон процесот кој ни е исклучително важен“,
рече Хари Локвенец – поранешен пратеник од СДСМ (27.10.2020г.).
И, по неколкугодишни партиско-политички препирки, падна договор. Советот за граѓански надзор доби и сопствено финансирање и самостојност во вршењето на надзорот над следењето комуникации.
Универзитетскиот професор Ице Илијевски, кој беше член во првиот состав на Советот, смета дека телото сега ќе може да функционира.
„Клучно е што со тие измени Советот ќе може да управува со финансиските средства што се определени од буџетот преку предлог годишен финансиски план и предлог правилник за начинот и условите за користење на тие средства што се обезбедени со буџетот, а ќе ги реализира Собранието. Бидејќи претходно Собранието се оградуваше од ова и единствено ги обезбедуваше само просторните услови. И друга значајна измена е тоа дека кога ќе биде поднесена претставка од страна на граѓанин, Советот ќе може самостојно да врши надзор без да ја информира Комисијата, а исто така ќе може да ги користи и двајцата експерти кои треба да бидат избрани во рамки на Комисијата за постојана поддршка за спроведување на стручен надзор“,
смета Ице Илијевски – универзитетски професор.
Врз основа на измените направени лани, Собранието пред две недели донесе одлука за распишување нов оглас за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор. Ова е втор обид откако се донесени законските измени бидејќи веќе имаше еден оглас кој заврши неуспешно.
Професорот Илијевски вели дека повторно ќе конкурира за да биде дел од ова тело. Тој веќе има добиено безбедносен сертификат и смета дека може да придонесе во неговата работа.
„Сепак ова е специјализирано тело и кандидатите треба да ги исполнуваат условите што се предвидени во законот како и да се вреднува нивната досегашна работа и стручност. Овој пат очекувам да има поголем број пријави бидејќи верувам дека медиумски ќе биде експониран огласот. И ќе биде информирана пошироката стручна јавност што можеби недостигаше во претходните огласи“,
смета тој.
Пратеникот на СДСМ и претседател на парламентарната Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Миле Талески, смета дека конечно се создадени услови за вистинка граѓанска контрола над следењето на комуникациите.
„Практично, сето ова е последица на големата афера што се случи со прислушувањето. Тоа ја наметна потребата да се донесе овој Закон за следење на комуникациите и сите оние правни мерки, сето она што беше во јавност пласирано да се отстрани и да биде инкорпорирано во самиот закон за да не ни се случи тоа што ни се случи, а тоа е повреда на човековите права со незаконското прислушување што го правела државата во тој временски период“,
вели Миле Талевски – пратеник од СДСМ.
Според него, важна е професионалната интеракција помеѓу Советот и Комисијата што тој ја води.
„Практично, доколку Советот добие некаква информација за злоупотреба на мерките за следење на комуникациите, Советот ќе има можност да изврши надзор на сето она што е наведено во самата пријава и во самата информација. И има обврска да ја информира Комисијата со која ќе одлучат дали ќе се изврши заеднички надзор, дали ќе има поединечен надзор. Важно е да се добие точна информација за сето она што ќе произлезе како потреба да се извршио надзор“,
додава Талески.
Пензионираниот армиски генерал Павле Арсоски е актуелен пратеник од Движењето ЗНАМ, кое е дел од владејачкото мнозинство, и претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Тој ја нагласува важноста од граѓанска контрола над овој сектор.
„Потребно е да имаме повеќеслојна контрола или надзор над следењето на комуникациите и створени се сите услови овој пат изборот на членови на Советот да биде успешен и да имаат добра соработка со Комисијата како работно тело на парламентот. Фактички парламентот и овој Совет како граѓански надзор да си ја извршува својата функција. Впрочем и во извештајот на Европската комисија од 2022 година нотирано е дека направени се реформи, направен е обид, но дека треба да се направи повеќе за тој граѓански надзор, цивилна контрола врз начинот како се следат комуникациите, биде воспоставен“,
вели Павле Арсоски – пратеник од Движење ЗНАМ.
Арсоски смета дека Советот сега има поголема независност.
„Од функционална гледна точка, Советот за граѓански надзор сега врши надзор над мерките за следење на комуникациите самостојно по сопствена иницијатива или по претставка од граѓанин кој се сомнева дека неговиот уред е прислушуван. За тоа ја известува, прави најава на ОТА (Оперативно-техничка агенција) и надлежните институции, но ја известува и Комисијата. Меѓутоа, овој пат Советот за граѓански надзор е во полн капацитет и самостојно го врши надзорот користејќи ги техничките експерти на Комисијата. Доколку воочи некакви неправилности или непочитување на законот, веднаш го известува јавниот обвинител и ја известува собраниската комисија“,
смета тој.
Квалитетниот граѓански надзор над безбедносно-разузнавачките институции е дел од пошироката реформа на овој сектор што започна во 2018 година со поддршка на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор ДЦАФ. По многуте премрежја низ кои помина процесот, нашите соговорници сметаат дека граѓанскиот сектор има доволно стручен и амбициозен кадар што ќе биде заинтересиран за Советот за граѓански надзор конечно да екипирано, но и да профункционира.