Бислимовски: Засега нема да се воведе дополнителен час во дневната евтина тарифа за струја

„Како што ја воведовме оваа евтина тарифа, како што ја вративме од почетокот на минатата година во текот на денот и сме единствена земја во регионот што има евтина тарифа во текот на денот, верувам дека кога ќе имаме порелаксирани услови на пазарите ќе воведеме дополнителен час или два во текот на денот“, вели претседателот на РКЕ

До крајот на годината нема услови да се воведе дополнителен час во дневната евтина тарифа за електрична енергија. Ова денеска го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски, посочувајќи дека нема да се откажат од намерата, но поради состојбите на пазарот, ако се воведе еден час повеќе евтина дневна тарифа, тоа би значело укинување на евтината тарифа од 22 до 24 часот.

Според него, анализите на РКЕ покажале дека од 2021 година до 2023 година немало услови за воведување на ваква мерка, а од јануари до септември годинава најниски цени на електричната енергија на берзите има во периодот од 12 до 16 часот, што во просек чинат под 50 евра за мегават/час.

„Значи во тој период постојат услови не за плус еден, туку за уште еден дополнителен час евтина дневна тарифа“,

вели тој.

Кога се разговарало за воведување на дополнителен час евтина тарифа, рече тој, посочено е дека треба да се преслика на она што се случува на пазарот.

„За жал, на пазарот од 20 до 24 часот цените на електричната енергија се убедливо високи во однос на другите периоди кога имаме и евтина и скапа тарифа. Така, ако го следиме пазарот, евтина тарифа треба да се воведе од 12 до 16 часот, но евтината тарифа од 22 до 24 часот кога има реално високи цени ќе треба да ја укинеме“,

рече првиот човек на РКЕ.

Ваквите анализи, според него, се поради ударот кој годинава се случи со цените во регионот, односно со несразмерно зголемување на цените на електрината енергија поради надворешни фактори, како што е исклучувањето на нуклерката во Романија заради топлото време и поради запуштеноста на прекуграничните капацитети за пренос на елетрична енергија и врз цената за мегават/час.

„Како што ја воведовме оваа евтина тарифа, како што ја вративме од почетокот на минатата година во текот на денот и сме единствена земја во регионот што има евтина тарифа во текот на денот, верувам дека кога ќе имаме порелаксирани услови на пазарите ќе воведеме дополнителен час или два во текот на денот“,

рече тој.

Според него, укинувањето на евтината тарифа токму во периодот од 22 до 24 часот, ќе влијае негативно на долгата традиција кај потрошувачите.

Сепак, според него, РКЕ нема да се откаже од воведувањето на дополнителна евтина дневна тарифа.

„Ќе ги следиме случувањата. Но, со воведувањето не сакаме да предизвикаме дополнителни финасиски проблеми кај енергетските компании што имаа тежок период изминатите години, пред се во ЕСМ, зашто таа евтина тарифа во тие периоди ќе се зголемува потрошувачката и ќе треба да се надомести“,

вели тој.

Изминатите денови се одржани состаноци со ЕСМ и ЕВН хоум, на кои се разговарало на оваа тема.

Како што рече, од нивна страна нема забелешки, односно и тие стојат на ставот дека кога ќе се оствари реални можност да се имплементира дополнителен час на евтина тарифа, особено што има сериозни навестувања дека ќе се зголемува цената на елетричната енергија на берзите од почетокот на следната година.

- Реклама -