Тонио на широката публиката и е најпознат по неговата музичка кариера со над 10 соло албуми и плус 5 албуми во други групи. На студентите од ФОН им е познат како најкул професорот што го имале, а луѓето што ја следат стрип културата во Македонија го знаат по неговиот уникатен стил на креација на стрипови.
Точно пред промоцијата на неговиот нов стрип „9 животи“ која ќе се одржи на 19 септември во МКЦ решивме да му поставиме неколку прашања за него и за стрипот.
Дали преку двата медиуми (музика и стрип) изразуваш исти идеи или ги користиш како различни канали за изразување на нешто посебно и дали влијаат еден на друг?
Уметноста има повеќе гранки, но ист корен, што значи дека формата на изразување ќе биде различна, но изворот е ист… Јас милувам да кажам дека суштината е иста, само сетилото преку кое се прима уметноста е различен… Инаку, секоја приказна или чувство, си бара своја форма на изразување… Некогаш, имам потреба да се изразам во зборови, некогаш во слики, некогаш во ноти, зависно од природата на приказната, емоцијата, сензибилитетот… Во уметноста на раскажувањето, клучна улога има умешноста како ќе се пренесе пораката… Секој треба да си го пронајде својот начин, јас сум благодарен што имам можност да ги посетам овие два прекрасни острова, кои се наоѓаат во едно исто море… Инаку дали влијаат еден на друг, би рекол дека повеќе имаат влијание во промотивниот аспект, инаку во креативниот се сосема различни околини.
Имаше одредена пауза во темпото на издавање на албуми, но сега гледаме дека се враќаш со зачестена продукција. Дали е тешко да се вратиш на сцената после одредена пауза и дали имаш амбиции да направиш нешто поголемо, да се вратиш на сцената со концарти, нови соработки, повеќе промоција и сл?
Што се однесува до продуктивноста и креативноста, никогаш немаше пауза, но кога ќе се види хронолошки дискографијата на Тонио Сан, како соло артист, има една дупка низ годините. Тоа е поради мојот избор џентлментски да се ставам себеси како соло артист во втор план, за да инвестирам и вложувам во издавање на групните проекти, а доказ за тоа е издавањето на 8 соло албуми од 2021 до 2024 (тука не го вбројувам Party Sleeper што е албум со ремикси на постоечки песни). Што се однесува до амбиции и промоции… тоа изгледа е некаде во минатото кога имав поинаков ентузијазам, после 20 години на сцената, моите амбиции се кон помирни сензибилитети, смирени енергии и струји, а андреналинот никогаш и не сум го фаворизирал, а на концерти и промоции е присутен, што значи, сум зи земал одмор на неограничено време… А концерт, пошто сум романтичар по природа, звучи интересно, Тонио на бината 10 години подоцна…
Да се вратиме на нашата омилена тема стрипот. Знаеме дека твојот прв стрип „Некои Мали нешта“ е распродаден, но не знаеме од која издавачка куќа, истото е и со новиот стрип „9 Животи“. Дали би бил заинтересиран за нови соработки или промоција на твоите дела на друга публика надвор од границите?
„Некои мали нешта“ е издаден заедно со Пропоинт, исто е и со „9 Животи“, мора да има издавачка куќа зад делото, заверено си е во НУБ, си има свое место во македонското културно наследство, тоа што е мој удел тука е што јас ги имам правата врз делото…Што се однесува до издавање на делата надвор од границите, мислам дека тоа е само прашање на време, но првично мора да излезат оригинално на мајчиниот јазик…
На стрип трип годинава те слушавме кај што раскажуваше како сакаш да истражувш нов стил со поизразено користење на сенките и црната боја, дали овој израз е следен и со приказната и кои пораки ги испраќа?
Па, мојот стил е можеби малку понеконвенционален во стрип светот, но доста класичен во академските ликовни принципи… „9 Животи“ како и „Некои Мали Нешта“ е изработен во традиционална техника, молив за скицирање, туш за линијата и лавиран туш за тонската скала и сенките… За разлика од Некои Мали Нешта, во новиот стрип нема големи црни површини, само линијата е црна, се останато е игра на тонови… Земајќи во предвид дека дејствието е во урбана средина, то ес, во урбана џунгла, лавираниот туш кој што е врз база на водена техника, ја балансира приказната со лиричен сензибилитет, лазурност, поетичност, суптилност…
Дали читаш манга, ако да кои ти се омилени и која мислиш дека е суштинската разлика помеѓу западниот и источниот стрип и дали е навистина толку голема?
Во моментов, манга не читам, но секако дека имам вкусна манга колекција… Од тоа што имам дома, ќе ги извлечам оние кои ми се сеуште при срце, АКИРА ми е еден од најдобрите дела општо, не само стрипови, туку ликовни дела воопшто, тоа е ремек дело, кое секогаш го кажувам прво, кога станува збор за манга… Уживав во Rurouni Kenshin, FLCL, Samurai Champloo има две волумиња кои беа предобри по мене, штета што се прекинати… класиките како Dragon Ball и One Piece мора да се спомнат, кои морам да признаам сум ги читал првите 5 или 6 волумиња од двете, ќе ги спомнам TRIGUN двата омнибуса кои имаат вкупно 1200 страни како една од омилените манги, Tekkonkinkreet, Blade of Immortal исто има цртачки стил што отстапува, итн итн… Следно што ме чека да читам е серијалот Lone Wolf and Cub, одамна ми се купени, но сеуште не им е дојдено времето… Што се однесува до разликата од манга со западниот стрип, ќе бидам краток.. Не само што нема голема разлика, туку сметам дека Американскиот и Јапонскиот стрип имаат огромни сличности во шаблонизирањето, разликата е во тоа што шаблоните им се различни (димензиите, колоритот, авторскиот аранжман и слично)…
Знаеме дека ја сакаш јапонската култутра, што го гледаме и во твоето уметничко име, па би сакале да знаеме што имало најголемо влијание од таа култура врз тебе, твојата музика, начин на работа или уметничко изразување?
Јапонија откако го фаќа цивилизацискиот бран кој што пристига во феудален Јапан од Западот, не само што не го губи својот идентитет, како што се плашела јапонската конзервативна десница, туку го преплавува светот со својот идентитет… Секое ќоше во светот денес тренира карате, чита манга, гледа аниме, игра Nintendo и SonyPlaystation, вози Honda, Suzuki, Toyota итн… Јас сум огромен фан на сите овие работи кои ги набројав, но највеќе сум фасциниран од Самураите, тука е мојот тригер каде ми се вгнездува Јапонската култура во срце, од таму сензибилитетот за естетика на Јапонската култура, нивната неколебливост, мечта и стремеж да се однесат сите работи до точка каде што може да се опипа совршеноста.
Кои стрипови или стрип цртачи или можеби мангаки имале најголемо влијание врз тебе?
Asterix, Lucky Luke, Old Nick and Blackbeard, Samurai Shodown, Street Fighter, Batman, Samurai Champloo, Samurai X (Rurouni Kenshin), Tekkonkinkreet, Dylan Dog, Nathan Never, Mega Man X, The Legend of Zelda, Akira, FLCL, Golden Boy, итн итн итн…