Јапан@мк ве повикува на летно аниме, дружење и мини базар на 4 јули во База42
Еден месец по завршувањето на фестивалот за јапонска култура Сакура, Јапанетмк продолжуваат со настани. Овој пат во соработка со хакерскиот простор Base42 најавуваат серија настани наречени Јапан42 кои ќе се одвиваат еднаш месечно.
Овој месец на 4 јули од 19 часот на првиот Јапан42, заедницата на љубители на јапонска култура ќе има шанса да погледне летно аниме „Тунелот на летото,излезот на збогувањата“ истовремено на три платна. Посетителите ќе можат да си набават шик парче урбана облека од јапонски и македонски брендови на штандот на Platform 0.10, уникатни рачно изработен накит од брендовите Factory girl иChaotic Dolls и маички, накит и фигури со аниме содржина од animestore.mk.
По проекцијата присутните ќе можат отворено да дискутираат за насоките во кои заедницата ќе се развива и какви настани ќе се подготвуваат во иднина.
Членовите не Јапанетмк ќе подготват и штанд со лимонада за собирање средства и предлози за идни настани за заедницата.
Настанот ќе се заклучи со караоке на јапонски песни.
Вклучувањето на ентузијасти во градењето на оваа субкултура од Јапанетмк го сметаат за најважен аспект од нивното постоење и секогаш нагласуваат дека се отворени за соработки и промоции на оние кои се заинтересирани да се приклучат и да придонесат кон градењето на заедницата и ширењето на нивните вредности. Заинтересираните соработници може секогаш да ги контактираат на Info@japan.net.mk
Base 42 e слободен простор за креација, иновација и поврзување со целосно непрофитен концепт на градење на заеднички проекти, култура и иновација.