Во седмото коло од шпанската Ла Лига, фудбалерите на Реал Мадрид ја забележаа петтата победа совладувајќи го Алавес со 3:2 на свој терен. Ова го врати Реал еден бод зад Барселона, но каталонскиот тим има натпревар помалку.
Веќе во првата минута Реал ја проби инаку многу цврстата одбрана на Алавес. Многу создаде Винисус Жуниор кој му асистираше на Лукас Васкез за 1:0. Одлична акција во 40. минута изведоа Мбапе и Белингем, а францускиот фудбалер постигна убав гол за 2:0. Реал стигна до три гола предност уште на самиот старт на вториот дел, а стрелец беше Родриго.
Кога се чинеше дека Реал мирно ќе ги потврди трите бода, Алавес на крајот брзо постигна два гола. Стрелци беа Бенавидес во 85 и Кике Гарсија во 86 минута. До крајот Реал речиси избезумено се бранеше, но некако успеа да ја сочува победата и трите бода.
Фудбалерите на Севиља ја остварија само второлигашката победа сезонава во седмото коло од шпанската Ла Лига, на домашен терен го совладаа Ваљадолид со 2:1. Севиља поведе во самата завршница на првото полувреме кога Пеке и гостинскиот играч Торес реќиси заеднички ја втурнаа топката во мрежата од непосредна близина. Ваљадолид израмни во 56. минута кога погоди Кике Перез, но победата на Севиља ја обезбеди Нигериецот Чидера Ејуке со задоцнет гол во 85. минута.
Натпреварот на „Местаља“ меѓу Валенсија и Осасуна заврши без гол. Тоа беше второ реми во сезоната за двете екипи.
Два натпревара се одиграа претходно во ова коло, Мајорка го победи Реал Сосиедад со 1:0, додека Атлетик го победи Леганес со 2:0 на гостински терен.
Во среда играат Жирона – Рајо Ваљекано и Барселона – Хетафе, додека во четврток Еспањол – Виљареал, Лас Палмас – Бетис и Селта – Атлетико Мадрид.