Изминатиов период една од најактуелните теми во политичкиот дискурс во земјава беше позицијата на претседателката на државата, премиерот и другите функционери во власта од ВМРО-ДПМНЕ во јавните настапи на домашен терен да го користат старото име Република Македонија или само Македонија
По министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски јавно, на прес-конференција, го употреби уставното име на државата – Република Северна Македонија.
Говорејќи за покачувањето на цените на земјоделските производи и за тоа што Владата ќе преземе за да се намали притисокот од високите цени, Трипуновски, како што пренесе Телма, изјави:
„Ние сме во постојана комуникација со надлежното министерство за економија. Работиме на тоа како да во наредниот период правилно постапиме а со цел земјоделците да не бидат оштетени затоа што во минатото оштетена страна беа само земјоделците, а сите други имаа сериозен профит кој што беше на штета на граѓаните на Република Северна Македонија“.
Пред две недели, министерката за образование и наука Весна Јаневска за време на посетата на Штип, како што веќе објави „360 степени“, во изјава за медиумите го употреби уставното име на државата – Република Северна Македонија.
Таа е првиот висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ и министер од оваа партија кој отстапи од досегашната пракса на именување на државата во јавните настапи и изјави.
Изминатиов период една од најактуелните теми во политичкиот дискурс во земјава беше позицијата на претседателката на државата, премиерот и другите функционери во власта од ВМРО-ДПМНЕ во јавните настапи на домашен терен да го користат старото име Република Македонија или само Македонија.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во досегашните јавни настапи во земјава не го користи уставното име на државата, исто како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, велејќи дека нивно човеково право е да ја нарекуваат државата како сакаат, што предизвика остри реакции од Грција и од стратешките партнери на државата, ЕУ и САД.