Пентагон соопшти дека ќе направи преиспитување на трошоците со цел да се пренасочат 50 милијарди долари кон проекти што подобро се совпаѓаат со приоритетите на американскиот претседател Доналд Трамп за национална безбедност.
Оваа ревизија може да биде чекор кон остварување на плановите на секретарот за одбрана, Пит Хегсет, за зајакнување на присуството во азиско-пацифичкиот регион и подобрување на заштитата на границата со Мексико, заедно со спроведување на други стратешки реформи.
Хегсет побара до 24 февруари да му бидат поднесени предлози за буџетски кратења, со цел да се намалат трошоците за 8 проценти годишно во наредниот петгодишен период. Исклучок од кратењата ќе има кај 17 оддели во Пентагон, чиј вкупен буџет во 2025 година се проценува на околу 850 милијарди долари. Во меѓувреме, финансирањето на воените операции на границата со Мексико и модернизацијата на нуклеарните сили нема да биде засегнато од овие промени.
Според извештајот на „Вашингтон пост“, Европската команда не е меѓу исклучоците од овие кратења, исто како и воените единици во Блискиот Исток и Африка.
Овие буџетски промени може да се соочат со силен противпритисок и од страна на армијата и од членови на Конгресот, бидејќи многумина, и републиканци и демократи, сметаат дека вложувањето во воените капацитети е клучно за спречување на потенцијални закани, особено од Кина и Русија.
Хегсет,според „Вашингтон пост“,јасно ставил до знаење дека Министерството за одбрана има задача зададена од претседателот Трамп,која се сведува на едноставен принцип: „Мирот се одржува со сила“.




