„На работ“ изложба на Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ во Чифте амам

На 10 септември во 20.00 часот во Чифте Амам ќе биде отворена изложбата „На работ“ на авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ.

Се работи за трансмедијален и трансдисциплинарен проект кој содржи повеќе просторни сегменти од целината, распределени во предизвикувачкиот амбиент на Чифте амамот.

,,Посебните делови, кои го чинат целото, се изведувани во разновидни техники и медиуми кои на некој начин се преплетуваат едни во други, надминувајќи ги границите на чистите медиумски пристапи во создавање на еден концептуален конгломерат од сензорни агломерации. Во нив се инкорпорираат разновидни искуства и сознанија од повеќе дисциплини, преплетувајќи ги уметничките проседеа со оние на политиката, социологијата, антропологијата, механиката, електрониката, звукот, подвижните слики, перформанс, импровизација итн. „На работ“ е ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галамтијас кој секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција. Тој се занимава и со дневно-политички прашања, но на прво место стои социолошкиот аспект, меѓучовечките односи, генетскиот код на „малиот“ или „големиот“ човек, начините на живеење… Наневски и Јовановиќ всушност спроведуваат социјален конструктивизам, кој се користи во социологијата и според која реалноста не е вродена, туку општествено конструирана преку јазикот, симболите и споделените значења” ср вели во највата за изложбата.

Оттука, преку својот проект „На работ“ тие ги конструираат, деконструираат или реконструираат општествените реалности. Тие ги преиспитуваат или критикуваат овие конструирани реалности, истакнувајќи како се обликуваат општествените норми и вредности.

Се започнува со едно видео, по кое е насловен и целиот проект, кое говори за апсурдноста на политичките ветувања за подобар живот, наспроти реалниот живот од нашето секојдневие. Оттука се размотува „клопчето“, па продолжува да се занимава со колективни или индивидуални приказни, со создавање на ритуали од секојдневни банални активности, со какофонијата помеѓу шундот и авангардата, со граничните позиции генерално, и сето тоа предадено низ многу призми и слоеви. Нивните дела може да се интерпретираат и низ аспект на теориите на Бодријар и на Фуко, односно концептот на „хиперреалност“ или концептот на „надзор“. Бодријар истражува како медиумите и симулациите ја заменуваат и искривуваат реалноста, особено во контекст на потрошувачката култура и современата уметност. Теоријата на Бодријар вогласно се гледа во проектот „На работ“ во критиката на медиумската сатурација, консумеризмот и замаглувањето на реалноста и претставувањето.

Прочитајте и:  „Човек муза“ - едукативната изложба за можностите на вештачката интелигенција

Фукоовата теорија, пак, истражува како моќта функционира преку дискурси (системи на знаење) и како уметноста може и да ги рефлектира и да им одолее на овие структури на моќ. Неговите теории за надзор, дисциплина и биополитика се аспекти кои го поврзуваат проектот „На работ“ со критика за системите на контрола и авторитет.

Инсталацијата, видеото и вокалниот перформанс „На работ на релативноста“, подвижните слики со социјален експеримент „Антропосфера“, видеото „На работ“, инсталацијата „Последната голтка“, видео перформансите и објекти „Рекет“ и „На работ на пријателството“ или пак комплексната инсталација со видео проекција “The Revolution will be Televized” и многуте други сегменти од целото на проектот ги критикуваат или предизвикуваат општествените норми и структури на моќ, ги истражуваат социјалните идентитети и како тие се конструирани или перцепирани, ги вклучуваат заедниците, ја применуваат идејата како форма на социјален коментар или активизам, размислуваат за секојдневниот живот и човечката состојба низ социолошкиoот објектив.

Ваквите проекти кои инкорпорираат социолошки перспективи, изградени со вештините, префинетиот уметнички сензибилитет и духовитост/досетливост во критичноста на авторскиот тандем Наневски/Јовановиќ, предизвикуваат мисла, предизвикуваат перцепции и поттикнуваат општествени промени. Изложбата ќе трае до 27 септември

- Реклама -